Откако американските сили го уапсија венецуелскиот претседател Николас Мадуро во јануари, сега е убиен и врховниот лидер на Иран Али Хамнеи. Овие две воени акции не само што ја лишија Кина од стратешки партнери во Јужна Америка и Блискиот Исток, туку го погодија и она што е многу поважно за Пекинг – нафтата, пишува Си-ен-ен.
Венецуела и Иран ја снабдуваат Кина со поголемиот дел од својата сурова нафта. Според податоците од аналитичката фирма Кплер, повеќе од половина од извозот на Венецуела и речиси целиот извоз на сурова нафта на Иран минатата година веројатно завршил во Кина.
Според пресметките на Си-ен-ен, кои се базираат на податоци од Центарот за глобална енергетска политика на Универзитетот Колумбија, нивните пратки заедно сочинувале околу 15 проценти од вкупниот увоз на нафта во Кина.
Роб Тумел, портфолио менаџер во компанијата „Тортоиз капитал“, верува дека Кина би можела да биде големиот губитник во конфликтот со Иран бидејќи произведува многу помалку нафта отколку што троши. „Повисоките цени би можеле да имаат влијание врз економскиот раст, но физичкото снабдување е уште поважно бидејќи Кина зависи од увезената сурова нафта за да ја одржи својата економија“, рече тој.
Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји го нарече нападот на САД и Израел врз Иран „неприфатлив“ и го осуди „бесрамното убиство врз суверен лидер и поттикнувањето на промена на режимот“. Пекинг сè уште не коментирал за потенцијалните економски последици.
Покрај прекинот во снабдувањето со нафта, Кина и другите азиски економии се соочуваат и со потенцијални логистички проблеми ако Ормутскиот теснец, клучен поморски пат за сурова нафта од земјите како Саудиска Арабија и Кувајт, биде затворен или попречен.
Полуофицијалната иранска новинска агенција Мехр објави дека танкерот, погоден во неделата откако се обидел „неовластено да премине низ Ормутскиот теснец“, тонел откако претрпел штета. Иран, кој ја контролира северната страна на теснецот, претходно се закани дека ќе го блокира преминот низ водниот пат за време на конфликтот со САД. Аналитичарите предупредија дека затворањето на Ормутскиот теснец или големите прекини во превозот би предизвикале голема глобална енергетска криза.






