„Па, не мислам дека нужно ќе бараме објавување војна“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа.
„Мислам дека едноставно ќе ги убиеме луѓето што внесуваат дрога во нашата земја. Во ред? Ќе ги убиеме“, рече Трамп.
„Сега дрогата доаѓа по копно… знаете, копното ќе биде следно“, додаде американскиот претседател, повторувајќи ги заканите за проширување на нападите врз териториите на земјите што Вашингтон ги обвинува дека го олеснуваат шверцот на наркотици во САД.
Од почетокот на септември, американската војска изврши напади врз најмалку девет бродови во Карибите и Тихиот Океан, при што се убиени најмалку 37 лица. Вашингтон ја нарече операцијата борба против „наркотерористи“, но не даде докази во поддршка на овие обвинувања.
Засилената операција на Вашингтон против латиноамериканските нарко картели вклучува распоредување на американски воени бродови, борбени авиони Ф-35, нуклеарна подморница и илјадници војници во регионот на Карибите.
САД исто така ја засилија својата реторика против лидерите на Венецуела и Колумбија, обвинувајќи го претседателот Николас Мадуро во Каракас и Густаво Петро во Богота за вмешаност во трговија со дрога.
Венецуела ги обвини САД дека ја започнале кампањата против картелите како дел од заговорот за соборување на претседателот Мадуро. Тој во среда изјави дека неговите вооружени сили имаат 5.000 руски ракети земја-воздух за да се спротивстават на каква било американска воена интервенција.
Новинската агенција АФП објави дека најмалку еден американски бомбардер Б-1Б прелетал над Карипското Море покрај брегот на Венецуела во среда, што е втора таква мнаифестација за воздушната моќ на САД за една недела. Запрашан за ова, Трамп одговори дека „тоа е лажно“, пред да додаде дека САД „не се задоволни од Венецуела од многу причини“.
Трамп исто така изјави дека сега треба да му биде јасно на целиот свет дека нарко-картелите се „ИСИС на западната хемисфера“. Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет направи слична споредба, велејќи: „Исто како што Ал Каеда водеше војна против нашата татковина, така и овие картели водат војна против нашата граница и нашиот народ“.
Мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум и колумбискиот претседател Густаво Петро ги осудија нападите на Вашингтон врз бродовите во меѓународните води, нарекувајќи ги кршење на меѓународното право.
„Очигледно, не се согласуваме. Постојат меѓународни закони кои регулираат како мора да се спроведуваат операциите… Тоа јасно ѝ го ставивме до знаење на владата на Соединетите Американски Држави“, рече Шајнбаум во четврток.
Петро, кој е во јавна вербална расправија со Трамп, рече дека САД „вршат вонсудски егзекуции“ кои „го кршат меѓународното право“.
„Амнести Интернешнл се спротивставува на ракетните бомбардирања во Карибите. Целото меѓународно право е прекршено во Карибите“, објави Петро на социјалните медиуми.






