„Со ова писмо, Мировниот одбор ја повлекува својата покана упатена до вас, која се однесува на приклучувањето на Канада во она што ќе биде најпрестижниот Одбор на лидери некогаш свикан“, напиша Трамп во објава на платформата Трут соушл упатена до Карни. Ниту канцеларијата на Карни ниту Белата куќа не одговорија веднаш на барањето на Ројтерс за коментар.
Минатата недела, канцеларијата на канадскиот премиер соопшти дека Карни бил поканет да се приклучи на одборот и дека има намера да ја прифати поканата. Говорот на Карни, во кој ги повика нациите да го прифатат крајот на светскиот поредок базиран на правила, беше пречекан со овации.
Канада, која неодамна потпиша трговски договор со Кина, може да му покаже на светот како „средните сили“ можат да дејствуваат заедно за да ја избегнат штетата предизвикана од американската хегемонија, додаде премиерот. Трамп возврати дека Канада „живее благодарение на Соединетите Американски Држави“ и им рече на слушателите во Давос дека Карни треба да биде благодарен на досегашната американска великодушност.
„Запомни го тоа, Марк, следниот пат кога ќе дадеш изјава“, додаде тој, обраќајќи се директно до Карни. Повлекувањето на поканата до Канада дојде неколку часа откако Трамп официјално го формираше одборот, чија првична цел беше да посредува во прекин на огнот во Газа.
Постојаните членки мора да придонесат по милијарда долари за да помогнат во финансирањето на работата на одборот, рече Трамп. „Откако целосно ќе го формираме овој одбор, ќе можеме да правиме што сакаме“, рече Трамп вчера во Швајцарија, додавајќи дека одборот „ќе го прави тоа во соработка со Обединетите нации“.
Формирањето на одборот беше одобрено со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации како дел од мировниот план на Трамп за Газа, а портпаролот на ОН Роландо Гомез вчера изјави дека односот на ОН со Мировниот одбор ќе биде ограничен само на тој контекст.
Членовите на одборот ги вклучуваат Аргентина, Бахреин, Мароко, Пакистан и Турција. Други сојузници на САД, како што се Велика Британија, Франција и Италија, сигнализираа дека засега нема да се приклучат на иницијативата.






