Обраќајќи се пред стотици воени лидери собрани од целиот свет, Трамп ги опиша „граѓанските немири“ како „непријател одвнатре“, додавајќи дека ситуацијата „нема да излезе од контрола кога вие ќе се вклучите“, пишува Би-би-си.
Изјавата доаѓа откако Трамп веќе распореди сили на Националната гарда во Вашингтон, Лос Анџелес и Портланд како дел од операциите за борба против криминалот и поддршка на спроведувањето на имиграциските закони.
Министерот за одбрана Пит Хегсет исто така зборуваше на истиот настан, прогласувајќи крај на „воук-културата“ во Пентагон и најави нови, „машки“ стандарди за физичката подготвеност на воените службеници.
Хегсет призна дека овој потег би можел да исклучи некои жени од службата. „Стандардите мора да бидат униформни, родово неутрални и високи“, рече тој. Хегсет ја истакна визијата за културни промени и зајакнување на „воинскиот етос“ и вети дека ќе стави крај на „ерата на непрофесионален изглед“, ставајќи крај на исклучоците за носење брада и елиминирање на процедурите за анонимни жалби.
Претседателот ги повтори своите критики на сметка на градовите предводени од демократи како Сан Франциско, Чикаго, Њујорк и Лос Анџелес и најави продолжување на политиката на користење на војската за спроведување на законите. „Ова се многу небезбедни места и ние еден по еден ќе ги доведеме во ред“, рече тој, додавајќи дека тоа ќе биде „важен дел од работата за некои од луѓето во оваа просторија“.
„Ова е војна одвнатре. Контролирањето на физичката територија на нашите граници е од суштинско значење за националната безбедност. Не можеме да ги пуштиме овие луѓе внатре“, додаде Трамп.
Гувернерот на Илиноис, Џ.Б. Прицкер, го обвини Трамп дека ја користи војската и Службата за имиграција и царина (ИЦЕ) за „инвазија и нарушување“ на американските градови.
„Нашите војници и нашиот народ заслужуваат подобро од вас, кој се однесуваш како ситен тиранин“, напиша тој на социјалната мрежа Икс. Воената ветеранка и сенаторка од Илиноис, Тами Дакворт, изјави за Би-би-си дека е загрижена за иднината на американската војска.
„Неговите коментари денес ќе влијаат на сите видови регрутации, не само на жените. Не познавам никого што сака да служи во војска што се користи за политички театар“, рече таа, обвинувајќи го Хегсет дека се обидува да ги истисне жените и луѓето со различна боја на кожа од војската.
Обраќањето беше одржано под силно обезбедување во базата на маринците Квантико во Вирџинија, а самитот беше ретко собирање на толку многу високи офицери на едно место. Генерали и адмирали стационирани низ целиот свет во тишина ги слушаа говорите.
Не беше наведена официјална причина за состанокот, што предизвика многу шпекулации. Некои набљудувачи изразија изненадување. Џузепе Каво Драгоне, италијански адмирал и претседател на Воениот одбор на НАТО, изјави за АП: „Во моите 49 години служба, никогаш порано не сум видел нешто вакво“.
Марк Канчијан од Центарот за стратешки и меѓународни студии изјави за Ројтерс: „Мистеријата е зошто тоа не беше направено виртуелно, за да не мораа високите офицери да поминат толку многу време патувајќи“.
Самиот Трамп изјави за Ен-би-си њуз пред состанокот дека целта е да се создаде „дух на единство“. Откако се качи на сцената, се пошегува за тишината во салата: „Никогаш порано не сум влегол во толку тивка просторија.“
Потоа додаде: „Заедно, ајде повторно да го разбудиме воинствениот дух. А тоа е духот што победи и ја изгради оваа нација.“ Претседателот исто така го пофали својот потег да го преименува Министерството за одбрана во Министерство за војна, тврдејќи дека тоа придонело за вртоглав пораст на бројот на регрути.






