вторник, 10 февруари 2026

Трамп бара половина сопственост на мостот што ги поврзува Канада и САД: „Нема да го отвориме“

Американскиот претседател Доналд Трамп, се закани дека ќе го блокира отворањето на новиот мост што ги поврзува САД и Канада сè додека Вашингтон не биде „во целост компензиран“ за сè што му овозможил на својот северен сосед.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Меѓународниот мост Горди Хау, кој ја поврзува канадската покраина Онтарио со американската држава Мичиген, нема да се отвори сè додека Отава не почне да „се однесува праведно кон САД и со почитта што ја заслужуваме“, напиша Трамп на социјалните мрежи, пренесува Би-би-си.

Во објава на својата платформа Трут соушл, Трамп рече дека САД треба да поседуваат „барем половина од овој имот“. Тој исто така тврдеше дека Канада ги поседува и канадската и американската страна од мостот. Според официјалната веб-страница на проектот, организацијата што го развива мостот, Управата за мост Виндзор-Детроит, е во целосна сопственост на канадската влада.

„Канадската влада очекува од мене, како претседател на САД, едноставно да им дозволам да „ја искористуваат Америка!““, напиша Трамп. „Нема да дозволам овој мост да се отвори сè додека САД не бидат целосно компензирани за сè што им дадовме“, додаде тој. Досега не е разјаснето како Трамп би можел да го спречи отворањето на мостот, но тој најави дека преговорите ќе започнат веднаш, без да даде детали.

Мостот, кој се протега над реката Детроит, е предвидено да биде отворен за сообраќај на почетокот на 2026 година, откако ќе бидат завршени формалните тестирања и одобренија. Изградбата започна во 2018 година, но самиот проект е предмет на спор меѓу двете земји повеќе од една деценија. Според податоците на канадската радиотелевизија, проценетите трошоци за изградба се 6,4 милијарди канадски долари. Иако проектот е финансиран од канадската влада, мостот ќе биде во јавна сопственост и на Канада и на државата Мичиген.

Семејството Морун, американските сопственици на соседниот мост Амбасадор, кој исто така го поврзува Детроит со Канада, апелираа за време на првиот мандат на Трамп да ја запре изградбата на новиот мост, тврдејќи дека тоа ќе го наруши нивниот монопол за наплата на патарини. Трамп потоа издаде заедничка изјава со канадскиот премиер Џастин Трудо, нарекувајќи го мостот „витална економска врска“ меѓу двете земји.

Трамп исто така вчера потсети и на неодамнешните трговски спорови, велејќи дека „царините што Канада ни ги наплаќа на млечните производи со години се неприфатливи“. Исто така се осврна и на трговскиот договор кој минатиот месец го потпишаа Канада и Кина, тврдејќи дека тој ќе „ја изеде Канада жива“.

„Првото нешто што Кина ќе го направи е да го запре целиот хокеј на мраз што се игра во Канада и трајно да го укине Стенли купот“, додаде Трамп. Канадската управа за мостови, канцеларијата на премиерот на Онтарио и канцеларијата на градоначалникот на Детроит не одговорија веднаш на барањата за коментар.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ