Писмата беа испратени до директорите на компаниите, вклучувајќи ги Ели Лили, Санофи, Регенерон, Мерк и Ко, Џонсон и Џонсон и Астра зенека. Копии од писмата беа објавени на профилот на Трамп на Трут соушл.
Од фармацевтските компании се очекува да ги усогласат цените на лековите со најприфатливите цени во земјите со еднаков развој, а Трамп сега бара од компаниите да го прошират тој принцип на лековите одобрени преку владиниот систем за здравствена заштита Медикеид, новите лекови и да им го вратат вишокот приходи од странство на американските пациенти и даночни обврзници.
Трамп им даде рок на компаниите до 29 септември да се обврзат да ги исполнат тие барања. „Според неодамнешните податоци, цените што Американците ги плаќаат за лекови од брендирани имиња се повеќе од три пати повисоки од цените што ги плаќаат другите земји на слично ниво на развој“, изјави портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит.
Таа додаде дека администрацијата ќе „ги употреби сите алатки во својот арсенал“ за да се стави крај на „злоупотребата во одредувањето на цените на лековите“.






