понеделник, 22 декември 2025

Трамп ѝ се заканува на Шпанија: Размислувам да ги казнам за она што го прават

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера се закани дека ќе ѝ воведе царини на Шпанија поради нејзините ниски трошоци за одбраната, нарекувајќи го одбивањето на Мадрид да ги исполни критериумите на НАТО „неверојатно непочитување“. Критиките доаѓаат во време на постојани притисоци на Вашингтон врз европските сојузници да преземат поголема одговорност за сопствената безбедност и да станат помалку зависни од американската воена моќ, пишува Политико.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Многу сум незадоволен од Шпанија. Таа е единствената земја што не го зголеми својот удел на 5 проценти. Секоја друга земја во НАТО го зголеми својот удел на 5 проценти“, изјави Трамп пред новинарите во Белата куќа, додавајќи дека верува оти потегот на Шпанија е „многу лоша работа за НАТО“.

Во своите најостри забелешки на оваа тема досега, тој исто така најави можни последици: „Размислувам да ѝ наметнам трговска казна (на Шпанија) преку царини за она што го прави“.

Трамп посочи дека Шпанија ги сфаќа своите обврски несериозно затоа што се потпира на безбедносните гаранции што ѝ ги обезбедува нејзината географска положба во јужна Европа, велејќи дека земјата „добива заштита“ едноставно поради „тоа каде се наоѓа“.

Проблемот дополнително го усложни шпанскиот премиер Педро Санчез, кој претходно оваа година изјави дека Москва не претставува директна безбедносна закана за неговата земја, што ги налути другите членки на ЕУ, особено оние што граничат со Русија и Украина.

Минатата недела, Трамп ја нарече Шпанија „заостаната земја“, па дури и предложи да се исклучи од НАТО, иако во рамките на алијансата не постои механизам за таков потег. „Можеби треба да ги исфрлите од НАТО, искрено“, му рече тој на финскиот претседател Александар Стаб.

На самитот на НАТО во Хаг во јуни, сојузниците се согласија за нова цел за трошоци за одбрана од 5 проценти од БДП, што вклучува 3,5 проценти за основни воени трошоци и 1,5 проценти за сродни области. Но, Санчез побара исклучок, тврдејќи дека Мадрид може да ги исполни своите обврски со помалку инвестиции, на што Трамп уште тогаш се закани со „двојни“ царини.

Мадрид моментално има најниски воени трошоци меѓу членките на НАТО, трошејќи само 1,3 проценти од БДП во 2024 година. Сепак, спротивно на тврдењата на Трамп, само неколку сојузници, како што е Полска, моментално ја исполнуваат целта од 5 проценти, додека остатокот од алијансата има рок до 2035 година да го стори тоа.

„Мислам дека е неверојатно непочитување“, повтори Трамп. „И мислам дека треба да ги казниме за тоа. Да, мислам.“

И покрај притисокот, шпанскиот премиер Педро Санчез ја бранеше политиката на својата влада во интервју за радио мрежата Кадена СЕР во вторникот. „Ние сме посветени на одбраната, безбедноста на НАТО, а во исто време, подеднакво сме посветени на одбраната на благосостојбата на нашата држава“, рече тој, додавајќи дека Шпанија веќе прави „повеќе од доволно“.

Санчез вети во април дека ќе ги зголеми трошоците на 2 проценти од БДП до крајот на 2025 година, во согласност со претходната цел на НАТО, но сепак далеку под новото барање на Трамп. Тој призна несогласувања со Вашингтон, но нагласи дека неговиот однос со Трамп останува „совршено срдечен“.

„Освен очигледните разлики што може ги имаме во многу политики, верувам дека односот меѓу Соединетите Американски Држави и Шпанија е многу позитивен и многу длабок“, заклучи Санчез.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ