Оваа порака покажа колку им се ниша тлото под нозете на сите оние руски олигарси кои своите милијарди ги заработија преку деловни врски со Кремљ во текот на 1990-тите, по распадот на Советскиот Сојуз, пишува Си-ен-ен.
Имено, по Путиновата инвазија на Украина, западните влади се обидуваат да ги замрзнат средствата како на рускиот претседател така и на неговиот круг богати бизнисмени и да ги спречат да патуваат. Целта е двојна: санкциите делуваат како казна за руската владејачка класа и како закана за Путин во одбид тој да се повлече.
Санкциите, барем досега, успешно го попречуваа бизнисот или го намалија богатството на некои руски олигарси. Роман Абрамович, 55-годишник чие богатство се проценува на 13,5 милијарди долари, вчера објави дека го продава својот сакан фудбалски клуб Челзи, кој го купи во 2003 година.
Иако Абрамович моментално не е на листата на санкционирани богаташи, британските власти вршат притисок во таа насока. Затоа, Абрамович наводно „се ослободува“ од дел од својот недвижен имот во Лондон во очекување на санкции.
„Тој се плаши да не биде санкциониран, па затоа уште утре ќе ја продаде својата куќа и уште еден стан“, изјави британскиот пратеник Крис Брајант, пренесе Блумберг.
Олигарсите се во движење, а тоа се знае делумно и поради 19-годишникот од Флорида кој поставил Твитер ботови кои го следат движењето на околу 40 авиони и хеликоптери поврзани со руски олигарси. (Тоа е истиот 19-годишник кој се најде на насловните страници на почетокот на оваа година бидејќи го одби барањето на Илон Маск да го симне ботот за авионот на извршниот директор на Тесла).
На почетокот на оваа недела, најмалку четири суперјахти во сопственост на руски милијардери поврзани со Путин биле забележани како се движат кон Црна Гора и Малдивите, објави Си-ен-би-си. Малдивите, островска држава во Индискиот Океан, нема договор за екстрадиција со Соединетите Држави, што би можело да ја зголеми нивната привлечност како рај за олигарсите.
За жал за руската елита, другите претходно безбедни пристаништа одлучија да им го забранат пристапот. Монако, малото кнежевство во француската ривиера, кое стана омилено место за руските богаташи, во вторникот усвои санкции идентични како оние на ЕУ. Швајцарија, позната како политички неутрална, исто така, застана на страната на ЕУ оваа недела, најавувајќи дека ќе го затвори својот воздушен простор за летови од Русија и ќе воведе забрани за влез на голем број пријатели на Путин.
Се разбира, експертите велат дека наметнувањето санкции за тајкуните нема да биде брзо или едноставно. Умните милијардери кои го изградиле своето богатство под авторитарна влада се вешти да ги прикријат своите имоти преку офшор компании и деловни субјекти.
„Ако сте сега руски олигарх кој плови на својата јахта во Индискиот Океан, поголемиот дел од вашите пари веќе не се на ваше име“, рече Алисон Хименез, претседателка на консултантската фирма за судски спорови Дајнамик секјуритис аналитикс. „Ќе имате збир на корпорации со фиктивни субјекти кои ќе работат во ваше име“.
„Може да им го заплените бродот, да им го заплените авионот, но тие имаат пари скриени низ целиот свет“, вели Хименез. „Дури и да успеете да замрзнете 75% од нивното богатство, тие сепак ќе бидат побогати од сите други во светот“.
Но, се чини дека притисокот има психолошко влијание, ако моментално нема и монетарно.
Оваа недела двајца истакнати тајкуни, Михаил Фридман и Олег Дерипаска, ги прекинаа „добрите односи“ со Кремљ и повикаа на прекин на руската војна во Украина.
Фридман, кој е роден во западна Украина и е тесно поврзан со најтесниот круг на Путин, во писмо до неговиот персонал напиша дека сака „крвопролевањето да заврши“. Фридман е претседавач на Алфа Груп, приватен конгломерат кој опфаќа банкарство, осигурување, малопродажба и производство на минерална вода.
Неговиот повик за мир го повтори и Дерипаска, кој своето богатство го стекна во бизнисот со алуминиум. „Мирот е многу важен! Преговорите треба да започнат што е можно поскоро!“ рече Дерипаска во неделата во објава на Телеграм.






