вторник, 9 декември 2025

Тереза Рибера: Личи на геноцид

Потпретседателката на Европската комисија Тереза Рибера изјави дека настаните во Појасот Газа, кои вклучуваат гладување, раселување и убиства на цивили, „многу личат“ на геноцид.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

„Цивилите се убиваат, гладуваат, немаат пристап до вода, лекови и помош. Ако ова не е геноцид, тогаш многу наликува на неговата дефиниција“, изјави Рибера за бриселскиот Политико, критикувајќи го недостатокот на решителни потези од страна на Европската Унија.

Некои земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Германија и Италија, се спротивставија дури и на благи мерки против Израел, како што е привремено суспендирање на научната соработка, објави Политико.

Рибера повика на разгледување на суспендирањето на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, кој е основа за трговски и економски односи.

Таа потсети дека за воведување санкции ќе биде потребна едногласна одлука од сите земји-членки и посочи дека земјите што се противат на мерките би можеле едноставно да се воздржат од гласање, со што на мнозинството ќе му се овозможи да ги усвои одлуките.

Израел ги отфрла обвинувањата за геноцид, тврдејќи дека води војна против Хамас, кој ги користи цивилите како жив штит.

Додека Германија и другите членки на ЕУ инсистираат на дијалог, Франција, Обединетото Кралство и Шпанија го зголемуваат притисокот, вклучително и иницијативите за признавање на палестинска држава, објаснува Политико.

Рибера предупреди дека ЕУ ризикува да го изгуби својот политички и морален кредибилитет ако остане пасивна.

„Европа мора да покаже храброст кога се во прашање човечки животи“, заклучи потпретседателката на Европската комисија Рибера.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ