недела, 14 декември 2025

Телеграф: Трамп ќе му понуди на Путин ретки минерали и гас во замена за мир

Американскиот претседател Доналд Трамп се подготвува да му понуди на Владимир Путин пристап до ретки минерали во обид да го убеди да ја заврши војната во Украина, објави британскиот портал Телеграф.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тој ќе пристигне на долгоочекуваниот состанок со својот руски колега во Анкориџ во петок со низа предлози што би можеле да ѝ донесат на Русија значителен профит. Според Телеграф, тие вклучуваат отворање на природните ресурси на Алјаска за Москва и укинување на некои американски санкции врз руската авиоиндустрија.

Американскиот министер за финансии Скот Бесент наводно е меѓу оние што го информираат Трамп пред неговата средба со Путин. Бесент ги истражува економските отстапки што САД би можеле да ѝ ги понудат на Русија за да се забрза договорот за прекин на огнот.

Предлозите вклучуваат да ме се даде пристап на Путин до ретки минерали на украинските територии што моментално се окупирани од Русија.

„Опсегот на стимулации вклучува и можен договор за ретки минерали“, рече извор запознаен со предлозите. Во мај, САД и Украина потпишаа договор за ретки минерали, кој овозможува експлоатација на украинските ресурси. Отворањето нови рудници би барало и руска соработка.

Украина наводно поседува 10 проценти од светските резерви на литиум, клучен за производство на батерии. Двете најголеми наоѓалишта на литиум се наоѓаат на територии што ги држи Русија, а Путин тврди дека има право на овие ресурси.

Дополнителни стимулации вклучуваат укинување на забраната за извоз на делови и опрема потребни за одржување на руските авиони. Западните санкции по почетокот на инвазијата во 2022 година го спречија пристапот до клучни резервни делови, принудувајќи ги руските авиокомпании и војската да ги канибализираат старите авиони.

Укинувањето на санкциите би можело да биде од корист и за Боинг, бидејќи руските авиокомпании повторно би можеле да купуваат делови од американски производители. Неодамнешните инциденти покажаа во колку лоша состојба е руската флота, вклучувајќи ја и јулската несреќа на советскиот Антонов Ан-24 во која загинаа 48 лица и масовното заземјување на летовите на Аерофлот поради сајбер напад.

Трамп ја разгледува и понудата за Русија да ги искористи природните ресурси во Беринговиот теснец, кој ја дели Алјаска од Русија. Се вели дека областа содржи значителни неоткриени резерви на нафта и гас.

Извори од британската влада изјавија дека ваквите стимулации би можеле да бидат прифатливи за Европа доколку не се сметаат за награда за Путин.

Окупацијата на Западниот Брег од страна на Израел е наведена како модел за завршување на војната – Русија би ја задржала воената и економската контрола врз окупираните делови од Украина преку сопствено управно тело.

Белата куќа ги ублажува очекувањата пред самитот. Трамп рече дека веројатно ќе знае „во првите две минути“ дали Путин е сериозен во врска со мирот.

Европски дипломати велат дека Путин не се откажал од својата цел да го собори Зеленски и да воспостави проруски режим во Киев. Руски претставници го опишуваат состанокот како дискусија за „руско-американските односи“ со можност за зајакнување на трговската соработка.

„Претседателот од самиот почеток беше јасен дека сака да го запре крвопролевањето и да постигне целосно и сеопфатно примирје“, рече функционер на Белата куќа. „Сите се согласуваат дека војната мора да заврши и на тоа работат.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ