недела, 15 март 2026

Техеран: Украина стана легитимна цел на иранските напади

Претседателот на Комитетот за национална безбедност и надворешна политика на иранскиот парламент, Ебрахим Азизи, ја обвини Украина дека се приклучила на војната.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Азизи на Икс напиша дека Украина „практично станала учесник во војната“ помагајќи му на Израел во борбата против беспилотните летала.

Тој додаде дека ова ја направило цела Украина потенцијална цел за Иран.

Иран е еден од најблиските сојузници на Русија од почетокот на нејзината инвазија на Украина во 2022 година.

Техеран прво ја снабдуваше Русија со беспилотни летала „шахед“ за напади врз Украина, а подоцна ја сподели технологијата за нивно производство, што ѝ овозможи на Москва да започне сопствено производство на овие беспилотни летала.

Единаесет земји побараа помош од Украина во борбата против беспилотните летала „шахед“ во контекст на војната со Иран и иранските напади врз земјите од Персискиот Залив, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски минатата недела.

Зеленски рече дека Киев детално ги разгледал сите барања за безбедносна помош во борбата против беспилотните летала „шахед“ и слични закани.

Тој додаде дека Украина е подготвена да помогне, но само на земјите што ѝ помагаат на Украина да ја брани својата независност и заштитата на животите на своите граѓани.

„Ги разгледавме сите барања за безбедносна помош од наша страна во борбата против беспилотните летала „шахед“ и други слични закани. Украина е подготвена да им помогне на оние што ни помагаат да ги заштитиме животите на Украинците и независноста на Украина“, рече Зеленски.

Тој додаде дека некои барања веќе резултирале со конкретни одлуки и обезбедување помош, но не прецизираше за кои земји.

Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли понудата на Зеленски.

„Не ни е потребна нивната помош во одбраната од беспилотни летала“, изјави Трамп за Фокс њуз во интервју. „Знаеме повеќе за беспилотните летала од кој било друг. Всушност, ги имаме најдобрите беспилотни летала во светот“, според Политико.

Подоцна тој за Њујорк тајмс изјави дека Киев распоредил дронови-пресретнувачи и тим експерти за беспилотни летала за да помогнат во заштитата на американските воени бази во Јордан

Украина разви сложен и повеќеслоен систем за одбрана од беспилотни летала за време на војната со Русија. Тој вклучува мобилни огнени групи, честопати вооружени со тешки митралези монтирани на пикап возила, системи за електронско војување и домашни пресретнувачки дронови.

Според врховниот командант на украинската армија, Олександр Сирски, повеќе од 70 проценти од беспилотните летала „шахед“ што ги таргетираа Киев и регионот на Киев во февруари биле соборени од пресретнувачи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ