Додека не се исполнат условите, Иран има намера да продолжи со својата политика на казнување на агресорот сè додека „не одржи историска лекција за американско-израелската агресија и за претседателот Доналд Трамп“.
Во интервју за арапската медиумска мрежа „Ал Мајадин“, неименуван функционер откри дека неколку регионални посредници му доставиле предлози на Техеран со цел да се стави крај на војната, но, според него, Иран поставил услови што мора да се исполнат и сериозно да се сфатат пред да се постигне каков било договор.
Тој наведе шест услови за завршување на војната што официјален Техеран ги постави како дел од она што функционерот го опиша како нова правна и стратешка рамка.
Првиот услов се гаранции за спречување на повторна војна, вториот е затворање на американските воени бази во регионот, а третиот – исплата на надоместок на Исламската Република.
Меѓу другите услови се наведува крај на војните на сите регионални фронтови, потоа воспоставување на новa правна рамка за Ормускиот теснец, како и гонење и екстрадиција на медиумски личности кои се сметаат за непријателски настроени кон Иран.
Официјалното лице појасни дека Иран спроведува однапред подготвен план чекор по чекор и со големо стратешко трпение.
„По уништувањето на инфраструктурата за воздушна одбрана на непријателот, Иран сега има целосна контрола врз својот воздушен простор“, изјави неименуван ирански функционер.
Америка, исто така, има свои шест барања
Во меѓувреме, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, по три недели војна, започна дискусии за следната фаза и како би можеле да изгледаат мировните преговори со Иран, а од Техеран би се барало да исполни шест барања, пренесе денес порталот Аксиос, повикувајќи се на анонимни извори.
Според неименуван американски функционер, САД ќе бараат од Иран петгодишно запирање на неговата ракетна програма, целосна забрана за збогатување на ураниум и демонтирање на реакторите во нуклеарните постројки Натанц, Исфахан и Фордоу, кои САД и Израел ги бомбардираа минатата година.
Меѓу барањата се воспоставување строги надворешни протоколи за следење на изградбата и употребата на центрифуги и слични објекти што би можеле да се користат за развој на програми за нуклеарно оружје, како и склучување договори за контрола на оружјето со земјите во регионот, што би вклучувало ограничување на бројот на ракети на максимум 1.000, како и прекин на финансирањето на вооружени групи во регионот, како што се Хезболах, Хамас и јеменските Хути.
Извори на Аксиос наведуваат дека кој било договор за завршување на војната би морал да вклучи повторно отворање на Ормускиот теснец, решавање на прашањето за иранските залихи на високо збогатен ураниум, а исто така и воспоставување на долгорочен договор за иранската нуклеарна програма, балистичките ракети и поддршката на посредниците во регионот.
Друг официјален претставник рече дека може да има простор и за преговори за враќање на замрзнатите средства на Иран.
„Тие тоа го нарекуваат репарации. Можеби ние тоа го нарекуваме враќање на замрзнати пари. Постојат многу различни начини на кои можеме да се договориме за да се реши политички она што им е потребно да го решат, за да се постигне консензус во нивниот систем“, заклучи функционерот.






