сабота, 24 мај 2025

Талибанците го забранија шахот во Авганистан: „Коцкање и кршење на моралните вредности“

Талибанската влада го додаде шахот на листата забранети активности, класифицирајќи го како коцкање и кршење на моралните вредности, соопшти денес авганистанската Спортска управа.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Шахот се смета за „средство за обложување“, што е забрането со законот за промоција на доблести и спречување на пороци, донесен минатата година, изјави за АФП портпаролот на Спортската управа, Атал Машвани.

Бидејќи станува збор за религиозни прашања, шахот ќе биде суспендиран во Авганистан сè додека не се решат овие прашања, додаде Машвани, без да ги прецизира казните за прекршокот.

Азизулах Гулзада (46), сопственик на кафуле во Кабул каде што клиентите досега уживаа во играта, рече дека ќе ја спроведе забраната, но дека религиозните аргументи не го убедиле во исправноста на одлуката.

„Многу муслимански земји имаат играчи на меѓународно ниво кои учествуваат на меѓународни натпревари. Многу млади луѓе доаѓаа тука секој ден, без никакви пари за обложување“, рече тој.

Гулзада изрази жалење што луѓето ќе имаат помалку изговори за собирање и додаде дека има страсни шахисти кои веројатно ќе бидат незадоволни од одлуката.

Откако се вратија на власт во 2021 година, талибанците постепено ја наметнаа својата ултра-ригорозна визија на исламот, забранувајќи одредени активности и спортови.

Талибанците ги забранија натпреварите во мешани боречки вештини (ММА) минатата година, велејќи дека се „премногу насилни и проблематични во однос на шеријатскиот закон“, додека крикетот сè уште широко се практикува, но само меѓу мажите.

Талибанците постепено ги изолираа жените од општествениот живот, забранувајќи им пристап до паркови, теретани, салони за убавина и универзитети, што ги поттикна Обединетите нации (ОН) да го осудат таквиот „родов апартхејд“.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ