недела, 7 декември 2025

Талибанците го исклучија интернетот

Авганистан беше речиси целосно отсечен од остатокот од светот утрово. Интернетот и телефонските врски се во прекин низ целата земја, по најавата на владејачките талибанци да го прекинат пристапот до интернет како дел од борбата против „неморалните активности“. Овој потег предизвика страв и паника кај милиони Авганистанци, како и кај нивните семејства во странство, продлабочувајќи ја изолацијата на земјата под сè построгата талибанска власт, објави Си-ен-ен.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Групата за следење на интернет Нетблокс потврди доцна во понеделник дека бројни мрежи во Авганистан се исклучени, што резултираше со „целосен прекин на интернет“ за нацијата од 43 милиони луѓе. Авганистанците кои живеат во странство рекоа дека не биле во можност да контактираат со своите семејства, а евиденцијата на летовите покажа дека неколку летови до Кабул биле откажани во вторник наутро.

„Нема комуникација со никого од вчера“, изјави за Си-ен-ен Мохамед Хади, 30-годишен Авганистанец кој живее во Делхи од 2019 година. „Нема начин да разговараме, за да бидеме сигурни дали се безбедни или не“. Хади опиша чувство на паника што се шири меѓу авганистанската дијаспора. „Ова нарушува сè, мислам, сè е поврзано, барем можевме да се јавиме порано“, додаде тој.

Телевизијата Толо Њуз, со седиште во Кабул, објави дека прекинот сериозно влијаел врз нивната работа, додека меѓународните новински агенции Асошиејтед Прес и Франс Прес изјавија дека не биле во можност да контактираат со своите канцеларии во главниот град.

Се чини дека ова е најобемниот и најкоординиран прекин на телекомуникациите во Авганистан откако талибанците се вратија на власт во 2021 година. Ова ги поттикна стравувањата од враќање на строгите правила од времето на нивното претходно владеење, кога телевизијата, сателитите и другите масовни медиуми беа забранети како дел од војната против неморалот.

Причината и обемот на прекинот сè уште не се целосно јасни, а претставниците на талибанците не издадоа официјално соопштение. Сепак, претходно овој месец тие предупредија дека ќе го прекинат пристапот до интернет „за да спречат неморални активности“. Гувернерот на северната покраина Балх, Хаџи Заид, во тоа време изјави дека „ќе се воспостави алтернативен систем во земјата за основните потреби“, без да прецизира на што се однесува „неморални активности“. Тој рече дека наредбата дошла директно од врховниот лидер на талибанците, Мавлави Хаибатулах Ахунџада.

Вахида Фаизи, авганистанска новинарка која живее во Данска, ја опиша личната болка од губењето на контактот со нејзиното семејство. „Поминаа само неколку часа откако интернетот е прекинат, но мене ми се чини како да помина цел живот“, рече таа. „Можеби отсекогаш се жалевме на бавниот интернет во Авганистан, но денес сфатив дека дури и неисправниот интернет и тие едноставни моменти на видео повици беа таков голем благослов.“

Активистите предупредуваат дека исклучувањето може да има катастрофални последици за земјата која веќе се наоѓа среде тешка хуманитарна криза. Откако талибанците им забранија на девојчињата да одат на училиште по шесто одделение, многу од нив се потпираа на онлајн настава. Со прекинот на интернетот, тие можности сега се во опасност.

Сабена Чаудри, раководителка на комуникациите во организацијата „Жени за авганистански жени“, рече дека исклучувањето „не само што ги замолчува милиони Авганистанци, туку и ја прекинува нивната врска со надворешниот свет“. Таа додаде дека го изгубиле контактот со персоналот во Авганистан.

Талибанците драстично ги ограничија човековите права, особено на мета беа жените и девојките, создавајќи „клима на страв и заплашување“, според извештајот на Мисијата на ОН за помош во Авганистан (УНАМА) објавен минатиот јули.

„Тишината на интернет без авганистански гласови од внатрешноста на Авганистан е оглушувачка“, напиша Маријам Солајманхил, членка на авганистанската влада во егзил, на социјалната мрежа Икс. „Срцето ме боли – нашиот народ е отсечен, а светот е оставен во темнина без нив“. Таа го повика сопственикот на Старлинк, Илон Маск, да помогне. „Старлинк е единствениот начин да се прекинат синџирите на талибанската цензура“, рече таа, додавајќи дека се надева дека Маск „ќе застане на вистинската страна од историјата“. Старлинк моментално не е достапен во Авганистан, според веб-страницата на компанијата.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ