Тајмс неодамна објави дека платеници од т.н Група Вагнер и чеченски специјални сили биле испратени да го елиминираат Зеленски.
Денеска пишуваат дека за плановите за атентат во Украина им дојавиле некои членови на руската Федерална служба за безбедност, кои се против војната, и дека Вагнер групата претрпела загуби во обидите да го убие Зеленски.
„Неверојатно е колку добро е информиран тимот што го чува Зеленски“, изјави извор за Тајмс, додавајќи дека еден обид за атентат се случил во саботата и ја пренесе изјавата на Украина дека чеченски атентатори биле елиминирани во предградие на Киев.
Британски Тајмс претходно објави дека рускиот претседател Владимир Путин испраќа група од околу 400 платеници од т.н. Група Вагнер да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Групата Вагнер е приватна милиција која, според Тајмс, добила наредба од Владимир Путин да го убие Зеленски и 23 други украински владини функционери, што би ѝ олеснило на Москва да ја преземе контролата врз Украина.
Станува збор за група високо обучени платеници контролирани од Евгениј Пригожин, близок соработник на рускиот претседател, кој често го нарекуваат „Путиновиот готвач“. Тие наводно пристигнале пред пет недели и им била понудена огромна сума пари за атентатот на Зеленски.
Зеленски во неколку наврати изјави дека е „мета број еден“, додавајќи дека руски специјалци го бараат.






