Дипломатската белешка, наводно базирана на американски и израелски разузнавачки информации и споделена со сојузниците од Заливот, вели дека Хамнеи, син на убиениот долгогодишен лидер Али Хамнеи, е без свест и се лекува од сериозна медицинска состојба, објави Тајмс.
Белешката, во која увид имал Тајмс, за прв пат ја открива локацијата на новиот врховен лидер. Градот Ком, сместен 140 километри јужно од Техеран, се смета за свет во шиитскиот ислам. „Моџтаба Хамнеи се лекува во Ком. Тој е во сериозна состојба и не е во можност да учествува во донесувањето одлуки на режимот“, се вели во документот.
Според белешката, телото на постариот Хамнеи се подготвува за погреб во Ком, седиштето на шиитската клерикална моќ и религиозната престолнина на земјата. Разузнавачките агенции го набљудуваа подготвувањето на „теренот за изградба на голем мавзолеј во Ком“ за „повеќе од една гробница“, што укажува дека други членови на семејството, а можеби и самиот Моџтаба, би можеле да бидат погребани покрај покојниот врховен лидер.
Се верува дека американските и израелските разузнавачки агенции веќе некое време знаеле за локацијата на помладиот Хамнеи, но оваа информација досега не е објавена. Американската агенција за национална безбедност, одговорна за обработка на глобални разузнавачки информации, беше контактирана во врска со белешката, како и иранската мисија во Вашингтон, со седиште во амбасадата на Пакистан.
Иран потврди дека новиот врховен лидер е ранет во истиот воздушен напад во кој беа убиени неговиот татко, мајка, сопругата Захра Хадад-Адел и еден од неговите синови на 28 февруари, првиот ден од војната што оттогаш го зафати регионот. Помладиот Хамнеи не е виден во јавноста ниту дал изјава од почетокот на конфликтот, и покрај тоа што беше избран за наследник на неговиот татко на почетокот на март.
Оттогаш, две изјави што му се припишуваат на 56-годишниот Хамнеи беа прочитани на иранската државна телевизија. Во понеделник, истиот канал објави и видео, креирано од вештачка интелигенција, на кое се гледа како лидерот влегува во воена соба и анализира мапа на израелскиот нуклеарен објект во Димона.
Недостатокот на аудио снимка од неговиот глас им дава тежина на непотврдените извештаи дека тој останува во критична состојба. Иако иранските власти инсистираат дека новиот врховен лидер „управува“ со земјата, претходните извештаи веќе укажуваат на неговата лоша здравствена состојба. Опозициските групи тврдеа дека тој се лекува во болница во кома, додека други велат дека претрпел скршена нога и повреди на лицето.
Неговата наводна неспособност го доведува во прашање статусот на Хамнеи во земја каде што врховниот лидер е апсолутен политички и религиозен авторитет. Ова би можело да ги поттикне шпекулациите дека Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГК) всушност ја задржува контролата врз земјата и дека Хамнеи е само марионета или фигура без вистинска моќ. Американскиот претседател Трамп тврди дека преговара со други ирански претставници, но конкретно рече дека не комуницира со врховниот лидер.
Иранските државни новински агенции објавија дека Али Хамнеи, кој имаше 86 години, ќе биде погребан во шиитско светилиште во неговиот роден град Машхад во североисточен Иран, кое е исто така место за поклонение. Извештаите покажаа дека јавна церемонија на жалост за починатиот лидер ќе се одржи во Техеран, иако датумот не беше објавен.
Иако иранската влада соопшти дека државниот погреб на постариот Хамнеи е одложен поради „очекуван невиден одзив“, самото одложување покрена прашања, со оглед на шиитската традиција за погребување на мртвите веднаш по смртта. Во среда се навршуваат 40 дена од смртта на Хамнеи на 28 февруари, со што би завршил традиционалниот период на жалост во шиитскиот ислам.
Не е јасно дали Ком би можел да биде привремено почивалиште за починатиот лидер поради безбедносни загрижености дека Израел или САД би можеле да ја нападнат која било јавна церемонија или погреб.
Во секој случај, погребот на Али Хамнеи веројатно ќе биде во остра спротивност со погребот на неговиот претходник и лидер на револуцијата, ајатолахот Рухолах Хомеини, чие тело беше погребано во голем мавзолеј во јужен Техеран.
Околу 10 милиони луѓе се собраа на погребот на Хомеини по неговата смрт во 1989 година. Неговиот покров беше растргнат, а телото испадна додека толпата се притискаше околу ковчегот.
Во разузнавачката белешка се вели дека иранските власти ќе се обидат да избегнат слична катастрофа на погребот на постариот Хаменеи, каде што цивилите би можеле да се обидат да ја нарушат церемонијата или да ги вандализираат гробовите.
Непосредно пред почетокот на војната, ИРГК се судри со борците на Муџахедин-е-Калк откако вооружената група се обиде да го заземе комплексот Мотахари, во кој се наоѓаше седиштето на Хаменеи, како и други столбови на режимот, вклучувајќи го Советот на чувари, Собранието на експерти и канцеларијата и резиденцијата на самиот Моџтаба.






