Лидерите на Камбоџа и Тајланд, Хун Сен и Прајут Чан-о-ча, денес пристигнаа во Малезија на преговори со цел обезбедување прекин на огнот во нивниот жесток граничен конфликт, изјави малезиски функционер, во услови на меѓународни напори за прекин на борбите што траат веќе пет дена.
На состанокот во административниот главен град на Малезија, Путраџаја, присуствуваа и амбасадорите на САД и Кина, рече функционерот.
Тајланд и Камбоџа се обвинуваат меѓусебно за започнување на конфликтот минатата недела, кој оттогаш ескалираше во борби со тешки артилериски напади на повеќе локации долж нивната копнена граница долга 817 км.
Ова е најжестокиот конфликт во последните десет години меѓу два соседа во Југоисточна Азија со најголем број човечки жртви.
Камбоџанскиот премиер Хун Манет претходно изјави дека состанокот бил заеднички организиран од Малезија и Соединетите Американски Држави и дека Кина исто така ќе учествува на него.
„Целта на овој состанок е да се постигне итен „прекин на огнот“. Иницијативата беше на американскиот претседател Доналд Трамп, а договорот за негово одржување го постигнаа премиерите на Камбоџа и Тајланд“, напиша Хун Манет во објава на Икс пред да замине на разговорите.
Трамп вчера изјави дека верува оти и Тајланд и Камбоџа сакаат да ги решат своите разлики откако им кажа на лидерите на двете земји дека сè додека не го завршат конфликтот, тој нема да склучува трговски договори со нив.






