сабота, 13 декември 2025

Тајланд и Камбоџа го продолжуваат конфликтот и покрај изјавата на Трамп дека е договорено примирје

Граничниот конфликт меѓу Тајланд и Камбоџа продолжи утрово и покрај изјавата на претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Доналд Трамп дека двете земји, со негова поддршка, се согласиле на примирје.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Тајландските власти изјавија дека не се согласиле на примирје, иако Трамп вчера објави дека, во разговор со премиерите на земјата и Камбоџа, потврдил дека лидерите се согласиле да го обноват примирјето.

Министерството за одбрана на Камбоџа тврди дека тајландски авиони утрово ја напаѓале земјата.

Конфликтот, кој заврши во јули оваа година, беше обновен на 7 декември откако двајца тајландски војници беа ранети.

Официјални лица објавија дека околу 20 лица биле убиени во нападите минатата недела, додека стотици илјади биле внатрешно раселени од двете страни на границата.

Тајландската војска објави дека 11 нејзини војници се убиени, додека проценува дека има 265 жртви во соседната камбоџанска армија.

Трамп вчера, по разговорите со тајландскиот премиер Анутин Чарнвиракул и камбоџанскиот премиер Хун Манет, објави дека е договорено примирје.

„Тие се согласија да го прекинат огнот вечерва и да се вратат на мировниот договор што го склучија со моја помош и со помош на големиот премиер на Малезија, Анвар Ибрахим“, напиша Трамп на својата мрежа Трут соушл.

Анутин по разговорите со Трамп рече дека ги објаснил причините на Тајланд за нападот врз Камбоџа и дека мирот ќе зависи од тоа дали соседната земја ќе ги запре нападите.

Министерството за надворешни работи на Тајланд подоцна експлицитно го оспори тврдењето на Трамп дека е постигнат прекин на огнот, додека Манет рече дека Камбоџа е „подготвена да соработува на кој било начин што е потребен“.

Тајланд вели дека спроведува воздушни напади само врз воени цели, додека Камбоџа лансирала ракети со среден дострел БМ-21.

Тајландската војска утрово објави дека ракетите БМ-21 погодиле цивилна област во покраината Сисакет и дека двајца цивили се сериозно повредени.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ