„Нашиот регион минува низ големи пресврти и промени“, рече Ханс Клуге, директор на СЗО за Европа. „Пандемијата стави фокус на менталното здравје. Вооружениот конфликт во Украина длабоко влијае на менталното здравје на милиони луѓе“.
„Десетте недели војна во Украина предизвикаа огромна неизвесност, несигурност, тага и загуба“, рече Клуге, истакнувајќи дека речиси 190 напади врз здравствените установи во Украина „лишиле безброј луѓе од надеж и пристап до здравствени услуги“.
Клуге во средата во Копенхаген зборуваше на првиот состанок на Паневропската коалиција за ментално здравје, која има за цел да поттикне акција на сите нивоа за решавање на занемарените потреби за ментално здравје во цела Европа.
Коалицијата беше лансирана во септември 2021 година и се состои од 53 земји-членки во европскиот регион на СЗО, заедно со меѓународни невладини организации, експерти и луѓе погодени со проблеми од менталното здравје.
Според СЗО, повеќе од 150 милиони луѓе во регионот живееле во 2021 година со ментални здравствени проблеми. Само секој трет човек со депресија моментално ја добива потребната помош. Менталните здравствени проблеми ги погодуваат сите возрасни групи и сите социјални слоеви, се наведува.






