„Науката ни обезбеди средства потребни за борбата против пандемијата, и ако тие солидарно се распределат во светот, ќе можеме да ставиме крај на ковид-19 како глобална здравствена закана оваа година“, рече генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Ако богатите земји уплатат фер дел во програмата АЦТ-А, тоа може да им помогне на земјите со низок и среден приход да ги зголемат стапките на вакцинација, да го зголемат тестирањето и да го прекинат недостигот на лекови“, се вели во соопштението.
Ширењето на високо заразната варијанта омикрон ја прави потребата за правична распределба на средствата уште поитна, нагласи тој.
AЦT-A, што е кратенка за Пристап до средства против ковид-19, е основан од големи меѓународни здравствени агенции, но и од други институции како што се Светската банка и Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс.
Програмата е наменета да го забрза пристапот до средствата за борбата против ковид-19 во сиромашните земји и го вклучува системот КОВАКС за правична дистрибуција на вакцини, кој ја испорача својата милијардита доза во средината на јануари.
За AЦT-A до септември оваа година се потребни уште 23,4 милијарди долари, а досега се собрани само 800 милиони долари. Затоа се повикуваат богатите земји да соберат уште 16 милијарди долари.
Само 0,4 отсто од 4,7 милијарди тестови за ковид-19 биле користени во сиромашните земји и само десет отсто од населението примило најмалку една доза од вакцината. Нееднаквоста во пристапот до средства за борба против ковид само ја продолжува пандемијата, рече јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза, копретседател на советот AЦT-А.
„Ги повикувам светските лидери да ја зголемат солидарноста и да го преземат својот дел од одговорноста и да помогнат да се спасат животи“, апелираше Рамафоса.






