Билтенот на атомските научници го постави часовникот на 85 секунди до полноќ, теоретската точка на целосно уништување. Тоа е четири секунди поблиску отколку што беше поставен минатата година. Непрофитната организација со седиште во Чикаго го создаде часовникот во 1947 година, за време на тензиите од Студената војна кои следеа по Втората светска војна, за да ја предупреди јавноста колку човештвото е блиску до самоуништување.
Научниците изразија загриженост за заканите кои ги претставува нерегулираната интеграција на вештачката интелигенција во воените системи и нејзината потенцијална злоупотреба во создавањето биолошки закани, како и улогата на вештачката интелигенција во ширењето дезинформации низ целиот свет. Тие, исто така, посочија на трајните предизвици кои ги претставува климатската криза.
„Секако, Часовникот на судниот ден е за глобалните ризици, а она што го гледаме е глобален неуспех на лидерството“, изјави за Ројтерс експертката за нуклеарна политика Александра Бел, претседателка и извршна директорка на Билтенот. „Без оглед на тоа за која влада станува збор, вртењето кон неоимперијализам и орвеловско владеење само ќе го помести часовникот поблиску до полноќ“.
Ова е трет пат во последните четири години научниците да го поместат Часовникот на судниот ден поблиску до полноќ.
„Кога станува збор за нуклеарните ризици, ништо во 2025 година не се поместило во вистинската насока“, кажа Бел. „Долгогодишните дипломатски рамки се под притисок или се уриваат, заканата од експлозивни нуклеарни тестови се врати, загриженоста за нуклеарното ширење расте, а три воени операции се случија под сенка на нуклеарното оружје и поврзаните закани за ескалација. Ризикот од употреба на нуклеарно оружје е неодржливо и неприфатливо висок“.
Бел посочи на продолжувањето на војната на Русија против Украина, бомбардирањето на Иран од страна на САД и Израел, како и на граничните конфликти меѓу Индија и Пакистан. Таа, исто така, ги наведе тековните тензии во Азија, вклучувајќи го Корејскиот Полуостров и заканите на Кина кон Тајван, како и зголемените тензии на Западната хемисфера откако американскиот претседател Доналд Трамп се врати на функцијата пред 12 месеци.
Последниот преостанат договор за контрола на нуклеарното оружје меѓу САД и Русија, договорот Нов СТАРТ, истекува на 5 февруари. Во септември, рускиот претседател Владимир Путин предложи двете земји да се согласат да се придржуваат до ограничувањата утврдени во тој договор, кој наметнува горна граница од 1.550 распоредени нуклеарни боеви глави од секоја страна, уште една година. Трамп сè уште официјално не одговорил на тој предлог. Западните безбедносни аналитичари се поделени околу тоа дали е мудро да се прифати понудата на Путин.
Во октомври, Трамп ѝ нареди на американската војска да го рестартира процесот на тестирање на нуклеарно оружје, по пауза од повеќе од три децении. Ниту една нуклеарна сила, освен Северна Кореја, која последен пат го стори тоа во 2017 година, не спровела експлозивен нуклеарен тест повеќе од четвртина век.
Според Бел, поранешна висока функционерка во Бирото за контрола на оружјето, одвраќање и стабилност на американскиот Стејт департмент, ниедна земја не би имала поголема корист од целосно враќање на ваквите тестирања од Кина, бидејќи продолжува да го проширува својот нуклеарен арсенал.
Трамп го наруши светскиот поредок. Тој ги испрати американските сили да го заробат венецуелскиот претседател Николас Мадуро, им се закани на другите јужноамерикански земји, вети дека ќе ја врати доминацијата на САД во Западната хемисфера, зборува за анектирање на Гренланд и ја загрози трансатлантската безбедносна соработка.
Во 2022 година, Русија почна инвазија на Украина и не се гледа крај на војната. Меѓу оружјата кои ги користи Русија е хиперсоничната ракета „орешник“, способна да носи нуклеарно оружје. Во декември, Русија објави снимки за кои тврди дека го покажуваат распоредувањето на системот „орешник“ во Белорусија, потег насочен кон зајакнување на способноста на Русија да напаѓа цели низ цела Европа.
„Русија, Кина, САД и другите големи земји стануваат поагресивни и националистички“, кажа Бел.
Нивното соперништво по принципот „победникот зема сè“ меѓу големите сили ја поткопува меѓународната соработка потребна за намалување на ризиците од нуклеарна војна, климатските промени, злоупотребата на биотехнологијата, потенцијалните опасности од вештачката интелигенција и други апокалиптични закани, истакна Бел.
Таа посочи и на домашните потези на Трамп против науката, академијата, државната служба и медиумите.
Во соопштението учествуваше и Марија Реса, добитничка на Нобеловата награда за мир за 2021 година, доделена за нејзината новинарска работа во која се разоткриваат злоупотребите на владата на Филипините, вклучувајќи го и начинот на кој социјалните мрежи се користат за ширење дезинформации. Реса предупреди за подемот на технологијата што шири лаги побрзо од фактите.
„Живееме во информациски Армагедон предизвикан од технологијата која ги управува нашите животи – од социјалните мрежи до генеративната вештачка интелигенција. Ниту една од овие технологии не е заснована на факти. Вашиот четбот не е ништо повеќе од машина за веројатност“, кажа Реса на онлајн прес-конференција.
Билтенот на атомските научници е основан во 1945 година, а меѓу неговите основачи биле научници како Алберт Ајнштајн и Џ. Роберт Опенхајмер.






