Во пресудата, која може да му наштети на нејзиниот политички углед, Судот на правдата на ЕУ одлучува дали Комисијата ги прекршила правилата за транспарентност со одбивањето да ја објави содржината на нејзината комуникација со извршниот директор на Фајзер, Алберт Бурла.
Одлуката, која ќе биде донесена в среда, ќе има далекусежни последици за начинот на кој највисоките функционери на Европската Унија водат бизнис зад затворени врати, а исто така може да фрли сенка врз вториот петгодишен мандат на Фон дер Лаен како шефица на Комисијата, кој почна на 1 ноември.
Случајот е правно незгоден за Фон дер Лаен бидејќи таа лично го одобрила најголемиот договор за вакцини во ЕУ вреден милијарди евра, но и претседава со самата институција задолжена да го спроведува правото на ЕУ, вклучувајќи ги и принципите на транспарентност и одговорност.
„Оваа судска одлука може да означи пресвртница за транспарентноста во ЕУ. Кога станува збор за клучните одлуки, особено за оние што влијаат на јавното здравје, тајноста треба да се избегнува“, рече Шари Хиндс од невладината организација Транспаренси интернешнал.
Случајот го покрена Њујорк тајмс, кој ја тужеше Комисијата во 2022 година поради нејзината одлука да не ги објави пораките. Постоењето на пораките беше откриено во интервју за американскиот весник во април 2021 година, во кое Бурла ја опиша нивната комуникација како градење „длабока доверба“, која ги олеснила преговорите за значаен договор за вакцини.
Тој договор беше финализиран во јуни 2021 година и ја вклучуваше обврската на ЕУ да купи до 1,8 милијарди дози од вакцината Фајзер против ковид-19, убедливо најголемиот од сите договори потпишани од Брисел. Предвидуваше испорака на нарачаните 900 милиони дози до 2023 година, со опција да се нарачаат дополнителни 900 милиони.