Адвокатот на Васим Балок, Сардар Мехмуд, денеска за Си-ен-ен ја потврди ослободителната пресуда, но не даде повеќе детали. Судската одлука сè уште не е официјално објавена. Балок беше уапсен во 2016 година, неколку дена по убиството, и на видеоснимка призна дека ја убил својата 25-годишна сестра.
Ѕвездата на социјалните мрежи од Пакистан, Кандил Балок, која ја нарекоа новата Ким Кардашијан, беше убиена од својот брат во својот дом. Таа изгради манекенска кариера врз основа на фотографиите кои ги објавувала на социјалните мрежи, додека нејзиниот брат не ја поддржувал нивната „провокативна“ содржина, пишува Дејли Мејл.
Се стекна со слава, но привлече и општествени критики за храбрите, дрски и политички објави на социјалните мрежи. На снимките знаела да расправа за фризури и да зборува за својата заљубеност во познати личности. Таа се нарекувала „модерна феминистка“ и имала речиси 750.000 следбеници на Фејсбук.
Кандил Балок е убиена во својата семејна куќа во градот Мултан, во пакистанската провинција Пенџаб. И покрај признанието, нејзиниот брат пред судот се изјасни за невин и беше осуден на доживотен затвор во 2019 година.
Во видеото, тој вели дека е „горд“ што ја убил својата сестра, додавајќи дека му било „премногу“ што неговите пријатели ги споделувале нејзините фотографии и снимки.
„Прво ја издрогирав, а потоа ја убив. Девојчињата се родени за да останат дома и да ја следат традицијата. Мојата сестра никогаш не го правеше тоа“, изјави Васим Балок.
При таканаречените убиства од чест, членовите на семејството обично убиваат жени верувајќи дека на некој начин го посрамотиле семејството. Во времето на убиството на Кандил Балок, семејството на жртвата имало право, според пакистанскиот закон, да го помилува осудениот убиец.
Оваа ослободителна пресуда ги налути активистите за правата на жените во Пакистан.
„Човекот кој призна дека ја убил Кандил, својата сопствена сестра, од денес е слободен човек во истата земја каде што Кандил не можел слободно да живее“, напиша во понеделникот на Твитер адвокатката и активистка Нигат Дед.






