Окружниот судија на САД, Ричард Леон, го одобри барањето на Националната фондација за зачувување на историското наследство за прелиминарна забрана. Непрофитната организација поднесе тужба во која тврди дека Трамп ги пречекорил своите овластувања кога го срушил историското Источно крило и започнал со изградба на нова зграда.
Пресудата на судијата Леон, кој беше назначен од републиканскиот претседател Џорџ В. Буш, ќе го стави проектот за балската сала на чекање додека трае тужбата. Во својата наредба, Леон рече дека ниеден федерален закон „ни оддалеку“ не му дава овластување на претседателот да го сруши Источното крило и да изгради балска сала со приватни средства.
„Претседателот на Соединетите Американски Држави е управител на Белата куќа за идните генерации на Првите семејства. Сепак, тој не е сопственик!“, напиша Леон. Министерството за правда поднесе жалба до Апелацискиот суд за округот Колумбија во Вашингтон неколку часа по одлуката на судијата.
Во објава на својот профил на социјалната мрежа Трут соушл, Трамп ја нарече Националната фондација група левичарски „лудаци“ и рече дека неговата балска сала „чини помалку и напредува побрзо од очекуваното, се гради без трошоци за даночните обврзници и ќе биде најдобрата зграда од ваков вид насекаде во светот“.
Трамп ја промовираше балската сала како дефинитивен додаток на Белата куќа и траен симбол на неговото претседателствување. Судијата „тотално греши“, рече претседателот. Националната фондација го тужеше Трамп и неколку федерални агенции во декември.
Администрацијата на Трамп го сруши Источното крило, првично изградено во 1902 година и проширено четири децении подоцна под Франклин Рузвелт, за да направи место за балската сала на Трамп. „Многу работи се градат во Белата куќа“, рече Трамп.
„Тие не добија одобрение од Конгресот, особено кога парите не ги даваат даночните обврзници“, рече Трамп. „Ова е победа за американскиот народ на проект што засекогаш ќе влијае на едно од најомилените и најзначајните места во нашата нација“, рече Керол Квилен, директорка на фондацијата.






