Сведок на Ројтерс во источниот град Џалалабад видел студентки како влегуваат низ посебна врата на универзитетот Нангархар, еден од најголемите државни универзитети што се отвораат оваа недела. Под претходното владеење на талибанците од 1996 до 2001 година, на жените и на девојчињата им беше забранет пристап до образование.
Но, групата што ја презеде власта во Авганистан на 15 август минатата година, кога странските сили се повлекоа, тврдеше дека се променила, но не беше јасна кога станува збор за образованието бидејќи многу девојчиња сè уште не смеат да се вратат во средните училишта.
Некои приватни факултети се повторно отворени, но сè уште има многу студентки кои не можат да се вратат на настава. Меѓународната заедница бара жените и девојчињата да имаат пристап до образование, додека талибанците бараат поголема странска помош и одмрзнување на средствата во странство.
Обединетите нации во вторникот го поздравија вклучувањето на студентките и нивното враќање на државните универзитети во земјата.
„ОН ја поздравуваат најавата дека јавните универзитети ќе започнат со отворање на 2 февруари за сите студентки и студенти. Од клучно значење е секое младо лице да има еднаков пристап до образование“, објави мисијата на ОН во Авганистан на Твитер.
Официјален претставник на образованието, под услов да остане анонимен бидејќи не е овластен да комуницира со медиумите, рече дека на универзитетите им биле обезбедени различни можности да ги држат студентките изолирани, вклучително и посебни училници и различен распоред на предавања за студентки и студенти.
Калил Ахмад Бихсудвал, ректор на универзитетот Нангархар, изјави за Ројтерс дека студентите и студентките ќе ги слушаат предавањата одделно, што веќе е практика во многу провинции. Во средата се отворени факултетите само во провинциите каде што е потопло. Терцијарните објекти во постудените области, вклучувајќи го и Кабул, треба да продолжат со работа на 26 февруари.






