недела, 14 декември 2025

Страшни пожари се шират во Шпанија, „Ова не сме го виделе 20 години“ (ВИДЕО)

Пожарите што беснеат во Шпанија се проширија на јужните падини на планинскиот венец Пикос де Европа во понеделник, а властите затворија дел од популарната рута за поклонение Камино де Сантијаго.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Околу дваесетина пожари, поттикнати од 16-дневниот топлотен бран, опустошија повеќе од 115.000 хектари во регионите Галиција и Кастиља и Леон во текот на изминатата недела.

„Ова е ситуација со пожари каква што не сме виделе 20 години“, изјави министерката за одбрана Маргарита Роблес за радиото Кадена СЕР. „Пожарите имаат посебни карактеристики како резултат на климатските промени и овој огромен топлотен бран“.

Шпанската армија распореди 1.900 војници за да им помогнат на пожарникарите.

Автопатите се затворени и железничкиот сообраќај е во прекин во областа, како и планинарската рута Камино де Сантијаго, древна рута за поклонение по која на лето поминуваат илјадници луѓе.

Патот ја поврзува Франција со градот Сантијаго де Компостела на западниот врв на Шпанија, каде што се вели дека се погребани останките на апостолот Свети Јаков. Властите во регионот Кастиља-Леон ја затворија рутата во областa помеѓу градовите Асторга и Понферада, на околу 50 км оддалеченост, и им кажаа на планинарите да „не ги ставаат своите животи во опасност“.

Досега загинаа четири пожарникари.

Министерството за внатрешни работи вели дека 27 лица се уапсени, а 92 се под истрага под сомнение за подметнување пожар од јуни.

Јужна Европа доживува една од најлошите сезони на шумски пожари во последните две децении, а Шпанија е меѓу најтешко погодените земји.

Во Португалија, во шумските пожари досега изгореа 155.000 хектари оваа година, според институтот за заштита на шумите ИЦНФ – три пати повеќе од просекот за периодот помеѓу 2006 и 2024 година. Околу половина од таа површина изгоре во последните три дена.

Роблес рече дека ситуацијата веројатно нема да се подобри сè додека топлотниот бран, во кој температури стасаа до 45 степени Целзиусови, не почне да се смирува во понеделник навечер или вторник.

Топлотниот бран е трет најжежок од 1975 година, кога националната метеоролошка агенција почна да ги следи. Голем дел од земјата е под предупредувања за пожари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ