Стотици жители на швајцарскиот кантон Цирих сакаат да бидат однесени во затвор, објавија медиумите во понеделникот. Невообичаениот интерес за резервација на престој во воспитно-поправниот дом го поттикна една локална институција, која регрутира „волонтери“ за кратка „проба“ кон крајот на март.
Официјалната регистрација за експериментот почна на 5 февруари и собра 832 апликации за околу две недели. Марк Ајерман, раководителот на новиот објект, го опиша процесот на регистрација како „тепачка за место“. „Веќе може да се каже дека сме целосно букирани“, изјави Елена Танковски, портпаролка на одделот за корекции и рехабилитациони служби во регионот на Цирих, за локалниот медиум СРФ.
Сместен во западниот дел на градот Цирих, во затворот се очекува да престојуваат вкупно 241 затвореник.
Затворските власти предупредуваат дека четиридневниот пробен притвор, планиран да се одржи меѓу 24 и 27 март, нема да биде лесно искуство за доброволните „затвореници“, бидејќи установата сака да ги одржува внатрешните услови што е можно пореални.
Учесниците во „пробата“ ќе мора да ги предадат своите пари и мобилни телефони, да останат затворени во ќелиите во поголем дел од денот, да добиваат затворска храна и да шетаат низ дворот според распоредот и во почетокот да подлежат на стандардната безбедносна проверка. Тие, сепак, ќе можат да изберат дали сакаат да останат само неколку часа или цело време.
Една од неколкуте незадолжителни работи за учесниците е дали сакаат да им биде извршен претрес „на голо“ пред да влезат во затворот. „Дефинитивно не е толку пријатно. Уште повеќе изненадува тоа што 80 отсто од оние што се регистрирале се согласиле да бидат претресувани на голо“, вели Ајерман.
„Затворениците“ ќе можат да избираат помеѓу редовни, вегетаријански и халал-оброци, соопштија затворските власти. Според нив, за експериментот се пријавиле исто толку жени колку и мажи. Истото важи и за вегетаријанците и за оние што јадат месо. Волонтерите ќе можат да побараат пробата да прекине во случај условите да се покажат премногу сурови за нив.
Пробата ќе му помогне на објектот да ги тестира капацитетот, услугите и функционирањето, како и соработката и комуникацијата со другите органи за спроведување на законот. Затворската управа, исто така, се надева дека ќе ги побие, како што ги нарекуваат, митовите за затворите.
„Има толку многу евтини романи за животот во затвор и за напорната работа што секојдневно ја врши затворскиот персонал што сакавме да ја искористиме оваа прилика за да покажеме како навистина работиме – и колку професионализам и искуство се потребни за да се работи со затворениците“. изјави Ајерман за АП.
Танковски рече дека современиот затворски чувар е „повеќе негувател отколку чувар“. Првите вистински затвореници се очекува во затворот да бидат сместени во почетокот на април.






