Стармер е најновиот во низата западни лидери што ја посетија Кина, по канадскиот премиер Карни и францускиот претседател Емануел Макрон. Неговата посета вклучува средба со кинескиот претседател Си Џинпинг и има за цел да го обнови односот на Велика Британија со таа азиска велесила.
Канадскиот премиер Карни предупреди на Светскиот економски форум минатата недела за „расцепот“ создаден од „велесилите“ што дејствуваат исклучиво во свој интерес. Иако не ја спомена директно администрацијата на Трамп, неговиот говор го налути американскиот претседател, кој возврати: „Канада живее од САД“.
Карни ги повика средните сили на соработка за да „изградат нешто поголемо, подобро, посилно и поправедно“. Во вторникот, на летот за Кина, новинарите го прашаа Стармер дали се согласува со проценката дека стариот светски поредок е мртов и дека средните сили треба да се обединат за да се соочат со САД и Кина.
Стармер ја бранеше својата политика за истовремено градење односи со Трамп, Си и Европската Унија. „Јас сум прагматичар, британски прагматичар кој се води од здрав разум. Затоа сум задоволен што имаме добри односи со САД во одбраната, безбедноста, разузнавањето, но и трговијата и просперитетот“, рече тој.
„Исклучително е важно да го одржиме тој добар однос.“ „Исто така, ги подобруваме нашите односи со Европската Унија. Минатата година имавме многу успешен самит каде што постигнавме договор од десет точки. Ќе има уште еден самит оваа година и се надевам дека ќе претставува надградба на сè што веќе договоривме“, додаде тој. „Секогаш велев дека не бирам помеѓу Америка и Европа. Искрено сум задоволен што Велика Британија има добри односи со двете.“
Владата на Стармер, која е под притисок од опозицијата да ги обнови односите со Кина, нагласи дека сака да соработува со Пекинг, да се натпреварува со неа, но и да ѝ се спротивстави кога е потребно. Во исто време, се стреми да изгради економски врски за да ѝ помогне на британската економија, која се бори со тешкотии.
„Кина е очигледно втората најголема економија во светот и еден од нашите клучни трговски партнери“, изјави во вторник британскиот премиер, кој патува во Кина со делегација од британски бизнисмени. „Под претходната администрација, односите поминаа од златно доба во ледено доба. Она што сакам да го направам е да го применам пристапот за кој зборував многу пати, што е сеопфатен и конзистентен пристап кон Кина. Мислам дека има можности, но јасно е дека никогаш нема да ја компромитираме националната безбедност за да ги искористиме.“






