Берлин ја одобри дополнителната поддршка за Украина, изјави за Франс прес извор од германската влада, зборувајќи за ракети „стрела“ кои се од резервите на поранешна комунистичка Источна Германија.
Тие залихи добиени од Советскиот Сојуз се вклучени во залихите на германската војска Бундесвер по германското обединување во 1990 година, така што се стари повеќе од 30 години.
Покрај тоа германското министерство за одбрана во последните денови на Киев му испрати 18.000 дополнителни воени шлемови, покрај 5.000 веќе испратени.
Берлин во саботата веќе одобри испраќање на Украина 500 противвоздушни ракети „стингер“, противтенковски ракетни фрлачи и девет хаубици, кои веќе стигнале во Украина. Хаубиците се исто така од советско производство.
Тоа што Германија ѝ испраќа на Украина оружје од советско производство, земајќи го од оружените резерви на Источна Германија е тема на голема полемика во последните недели.
Одлуката на Берлин да ѝ испрати оружје на Украина претставува пресврт во германската повоена политика бидејќи земјата претходно секогаш забрануваше извезување на оружје во конфликтни зони, поради својата нацистичка историја.
Берлин објави и дека значително го зголемува своето воено трошење, дека веднаш ослободува 100 милијарди долари за да ја модернизира војската и дека го зголемува буџетот за одбрана за следната година на над два отсто од БДП.






