Операцијата е спроведена во соработка со Одделот за борба против високотехнолошки криминал (ВТК) на Министерството за внатрешни работи на Србија и Вишото јавно обвинителство и Управата за криминалистичка полиција во Белград, Сомбор, Ниш и Нови Сад.
Уапсените се осомничени дека во подолг временски период го користеле таканаречениот „дарк веб“ за преземање, складирање на своите компјутери и споделување материјал што произлегува од сексуална злоупотреба на деца.
Сите уапсени се обвинети за кривично дело прикажување, стекнување и поседување порнографски материјал и експлоатација на малолетници за порнографија.
При претрес на становите на осомничените на електронски уреди се пронајдени неколку гигабајти фотографии и видеа на кои е прикажана сериозна злоупотреба на деца, во повеќето случаи на возраст меѓу четири и 14 години, „класифицирани според возраста, полот на децата и други параметри“, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи.
Осомничените по полицискиот притвор од 48 часа со кривични пријави ќе бидат изведени во надлежното обвинителство.
Апсењето е дел од операцијата „Армагедон“, во која српското Министерство за внатрешни работи со технолошки надзор се обидува да спречи злоупотреба на деца во дигиталната средина, а одделот на ВТК објави дека продолжува со интензивните активности за да се спречи социјалните мрежи да бидат анонимно засолниште за сторителите на овие тешки кривични дела.
Во исто време, српското Министерство за внатрешни работи апелира до родителите да го зголемат надзорот врз онлајн активностите на своите деца и секој сомнеж за злоупотреба да го пријават во полиција.






