Европските претставници ангажирани во подготовките за самитот рекоа дека секоја помош за Русија ќе му наштети на меѓународниот углед на Кина и ќе ги загрози односите со двата нејзини најголеми трговски партнери – Европа и Соединетите Држави. Претседателите на Европската комисија и на Европскиот совет, Урсула фон дер Лаен и Шарл Мишел, ќе одржат виртуелен самит со кинескиот премиер Ли Кечијанг, а потоа и со претседателот Си Џинпинг.
Ставот на Кина кон Русија, истакна еден претставник на ЕУ, денес ќе биде „прашање од милион долари“. Една четвртина од глобалната трговија на Кина минатата година беше со ЕУ и САД, додека трговијата со Русија изнесува само 2,4 отсто, потсети друг европски функционер.
„Дали ќе ја продолжиме таа војна или ќе работиме заедно за да ја прекинеме? Тоа ќе биде клучното прашање на самитот“, додаде тој. Кинескиот министер за надворешни работи Ванг Ји оваа недела повторно повика на мировни преговори, нагласувајќи дека легитимната загриженост на двете страни мора да се земе предвид.
Ванг Јивеи, експерт за Европа на Универзитетот Ренмин во Пекинг, рече дека ЕУ и Кина сакаат крај на војната и дека Пекинг ќе го искористи самитот за да разговара за тоа како да создаде услови прифатливи за Путин за да го омекне неговиот сегашен став.
Во исто време, Кина е загрижена дека ЕУ ги следи САД во преземањето цврсти мерки и политика кон Русија. Го повикува Брисел да го „исклучи надворешното мешање“ од разговорите со Кина.






