Во првите 29 дена од април, расчистувањето на шумите во регионот изнесувало 1.012,5 квадратни километри, според податоците на националната агенција за вселенски истражувања Инпе.
Април е третиот овогодишен месечен рекорд, откако нови максимуми беа забележани и во јануари и во февруари.
Уништувањето на бразилска Амазонија во првите четири месеци оваа година исто така достигнало рекорд од 1.954 квадратни километри, што е зголемување од 69 отсто во однос на истиот период во 2021.
Сечењето на шумите во Амазонија порасна откако десничарскиот претседател Жаир Болсонаро ја презема функцијата во 2019 година и ја ослаби заштитата на животната средина. Болсонаро тврди дека земјоделството и рударството во Амазонија ќе ја намалат сиромаштијата во регионот.
„Причината за овој рекорд има име и презиме: Жаир Болсонаро“, кажа Марсио Астрини, шеф на бразилската климатска група Клајмат опсерватори.
Бразилските министерства за животна средина и правосудство во заедничко соопштение наведоа дека владата вложува големи напори во борбата против еколошките злосторства и дека полицијата и телата за заштита на околината соработуваат во борбата против расчистувањето на шумите во пет амазонски држави.
Иако сечењето на шумите веќе е во пораст, Клајмат опсерватори кажа дека неговите аналитичари се вџашени од толку високите резултати за април, кој е дел од дождовната сезона кога на дрвосечачите им е потешко да пристапат до шумите.
Зачувувањето на Амазонија е клучно за сопирање на катастрофалните климатски промени поради огромното количество јаглерод диоксид што го апсорбира прашумата.






