Во Франција, според официјални лица од повеќе делови на земјата, пет лица загинале во сообраќајни несреќи, властите наредиле камионите да се повлечат од патиштата, некои училишта во Париз се затворени поради снег.
Шест аеродроми на север и запад од Франција се затворени поради обилни дождови, додека стотици летови се откажани на аеродромите низ регионот.
Голема количина снег наврна и во Холандија, аеродромот „Скипол“ во Амстердам откажа околу 400 летови како резултат на тоа, додека другите авиони чекаат пистите да се одмрзнат и исчистат.
Во Холандија, железничкиот сообраќај беше исто така запрен, националната железничка компанија НС ги информираше патниците да „патуваат само доколку е апсолутно неопходно“.
Во Рим, реката Тибар се излеа поради интензивни дождови, а поради бурата, мал број луѓе присуствуваа на благословот на папата за Богојавление.
Градоначалникот на Рим, Роберто Гвалтиери, денес издаде декрет со кој се ограничува пристапот до парковите и другите области загрозени од паѓање дрвја и поплави.
Снег во Италија падна во Болоња и Доломитите, а ниски температури се прогнозираат за поголемиот дел од северните и централните делови на земјата во наредните денови.
Студено време се очекува и во Велика Британија, каде што снегот предизвика прекини и во железничкиот, патниот и воздушниот сообраќај, а стотици училишта се затворени.
Шкотските власти денес изјавија дека ситуацијата во тој дел од Обединетото Кралство е критична поради интензивните врнежи од дожд и ја повикаа армијата да го исчисти снегот и да достави храна и лекови до граѓаните заробени во снегот или отсечени од своите заедници.
Агенцијата Асошиејтед прес (АП) се осврна и на обилните врнежи на Балканот, наведувајќи дека снегот и дождот предизвикале големи проблеми во сообраќајот и во снабдувањето со електрична енергија и вода.
Во текстот се наведува дека една жена починала во Сараево откако гранка ѝ паднала врз главата, додека неколку општини во Србија прогласиле вонредна состојба поради лошите временски услови, а дека морето однело и неколку мали куќи на Ада Бојана во Црна Гора.






