Спасувачките екипи пронашле две тела, додека потрагата по преостанатите петмина, за кои се верува дека се закопани длабоко под снегот, е во тек. Потрагата е во тек и за остатокот од групата, во која има други странски државјани и локални водичи. Петмина од планинарите успеале да се вратат во базата со полесни повреди.
„Телата на другите пет починати планинари може да бидат 3-4 стапки под снегот“, рече Мингма Шерпа, претседател на „Севен самит трекс“. „Ќе биде потребно време да се пронајдат“.
Спасувачките напори се попречени од лошото време и логистичките проблеми, што го отежнува користењето хеликоптери или да се стигне пеш до местото на несреќата, изјави локалниот полициски службеник Гјан Кумар Махато. Тој додаде дека спасувачкиот хеликоптер успеал да слета само во областа На Гаун, на пет часа пешачење од базниот камп.
Еден од повредените планинари изјави за „Катманду пост“ дека многу пати повикувале помош без успех. „Доколку спасувачите стигнеа на време, можеа да бидат спасени повеќе животи“, изјави тој за еден непалски весник.
Меѓу загинатите се двајца Италијанци, Канаѓанец, Германец, Французин и двајца непалски водичи. Сите тие биле дел од групата која тргнала повеќе од еден час пред да удри лавината. Според извештаите, групата се подготвувала да се искачи на блискиот врв Долма Канг (6.332 м), а се искачувале на планината Јалунг Ри (5.630 м) како дел од аклиматизацијата.
Оваа трагедија доаѓа во време кога се во тек напори за спасување на двајца италијански планинари, Стефано Фаронато и Алесандро Капуто, кои исчезнаа додека се обидуваа да се искачат на планината Панбари во западен Непал. Третиот член од нивната група, 65-годишниот Велтер Перлино, беше спасен во меѓувреме.
Есента е вообичаено популарна сезона за планинарите во Непал поради подобрите временски услови и видливост, но ризикот од лавини и ненадејни промени на времето е сè уште висок. Минатата недела, циклонот Монта предизвика обилни дождови и снежни врнежи низ Непал, заробувајќи многу планинари на Хималаите.
Поради невремето, две Британки и една Иркиња биле спасени од регионот Мустанг кои со денови таму биле заробени, додека стотици планинари биле заглавени во близина на Монт Еверест во октомври.






