Ахмед ал-Шара, чии исламистички бунтовнички сили го соборија долгогодишниот владетел Башар ал-Асад кон крајот на минатата година, се обидува да го убеди американскиот претседател да ги укине економските ограничувања наметнати за време на 13-годишната граѓанска војна, тврдејќи дека за нив повеќе нема оправдание.
Неговиот медиумски советник Ахмед Зејдан изјави за саудиската телевизија Ал Арабија дека најважното прашање на дневен ред е укинувањето на Законот за заштита на цивилите во Сирија (Законот Цезар) од 2019 година, со кој се воведоа сеопфатни санкции поради кршењата на човековите права од страна на режимот на Асад.
Трамп првпат се сретна со сирискиот лидер во Ријад минатиот мај. Пред средбата, тој го пофали пред новинарите како „млад, привлечен човек. Цврст тип. Со силно минато. Со многу силно минато. Борец“. По состанокот, Трамп нареди укинување на повеќето санкции, што претставуваше голема промена во политиката на САД.
Но, Законот Цезар останува на сила и ќе биде потребно гласање во Конгресот за негово трајно укинување. Тоа е неверојатен пресврт за ал-Шара, поранешен лидер на бунтовничката група што ја предводеше операцијата за соборување на Асад и за чија глава владата на САД еднаш понуди награда од 10 милиони долари.
Минатиот четврток, Вашингтон го предводеше гласањето во Советот за безбедност на ОН за укинување на санкциите на ОН против него лично. Во септември, ал-Шара, поранешен џихадист некогаш поврзан со Ал Каеда, стана првиот сириски претседател кој по децении се обрати на Генералното собрание на ОН во Њујорк.
„Имаме голема мисија да ја изградиме економијата“, рече ал-Шара во тоа време. „Сирија има разновидна работна сила. Тие сакаат да работат, тоа е во нивните гени. Затоа, не грижете се, само укинете ги санкциите и ќе ги видите резултатите“, рече тој. Светската банка во октомври процени дека трошоците за обнова на Сирија ќе изнесуваат најмалку 216 милијарди долари.
Американскиот Стејт департмент го отстрани од својата црна листа на терористи пред три дена, а се очекува Сирија официјално да се приклучи на коалицијата предводена од САД против Исламска држава (ИД) за време на посетата на Вашингтон.
Сириските безбедносни сили веќе спроведоа 61 рација низ целата земја овој месец, насочени кон ќелии на ИД. Уапсени се 71 лице, а запленета е голема количина експлозиви и оружје, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Во услови на затоплување на односите, портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, потврди дека владата на Ахмед ал-Шара ги исполнува барањата на САД, вклучително и соработката во потрагата по исчезнатите Американци и отстранувањето на преостанатото хемиско оружје.
„Овие акции се преземаат како признание за напредокот што го постигна сириското раководство по заминувањето на Башар ал-Асад и повеќе од 50 години репресија под Асадовиот режим“, рече Пигот. Ахмед ал-Шара и неговиот тим вложуваат големи напори да се претстават како умерени политичари подготвени да воведат нова ера на мир и просперитет за земјата уништена од тринаесетгодишна граѓанска војна и конструктивно да соработуваат со регионалните сили.
Сепак, израелската влада наводно е против целосно укинување на американските санкции, верувајќи дека Вашингтон со тоа ќе изгуби клучен адут на влијание во преговорите со Дамаск. Иако Израел и Сирија формално сè уште се во војна, а Израел ја окупира сириската Голанска висорамнина, Трамп изрази надеж дека двете земји можат да ги нормализираат односите.






