„Сирија со тоа ќе стане 90 членка на коалицијата против Исламската држава, здружувајќи ги силите со Соединетите Американски Држави за да ги елиминира последните упоришта на ИСИС и да го запре приливот на странски борци“, рече американскиот функционер.
Хамза ал-Мустафа на социјалната мрежа Икс изјави дека Сирија потпишала документ за политичка соработка со меѓународната коалиција.
„Договорот е политички и во моментов не содржи воени компоненти“, додаде сирискиот министер за информации.
Претседателот Трамп во понеделник го прими во Белата куќа сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, поранешен член на Ал-Каеда, под чие водство исламистичките борци го соборија од власт долгогодишниот сириски претседател Башар ал-Асад минатиот декември.
Ал-Шара стана првиот сириски претседател кој е примен во Белата куќа. Откако тој дојде на чело на државата, Сирија се дистанцира од клучните сојузници на Асад, Иран и Русија, и се сврте кон соработка со Турција, земјите од Заливот и Вашингтон.
„САД ќе ѝ дозволат на Сирија да продолжи со операциите во својата амбасада во Вашингтон за да ја зајакне координацијата во борбата против тероризмот и во областите на безбедноста и економијата“, изјави анонимен американски функционер.






