недела, 12 април 2026

Силен земјотрес го погоди Авганистан, најмалку 622 загинати (ФОТО+ВИДЕО)

Стотици луѓе загинаа и се повредени во земјотрес со јачина од 6,0 степени што ја погоди североисточната покраина Кунар во Авганистан, соопштија властите во понеделник, додека спасувачите пребаруваат низ урнатините на домовите во потрага за преживеани. Најновите податоци зборуваат за најмалку 610 загинати, а повеќе од 1.500 повредени.

Фото: социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Според првичните извештаи бројот на жртви е 30 во само едно село, соопшти Министерството за здравство, но додаде дека точниот број сè уште не е утврден во областа на раштрканите села со долга историја на земјотреси и поплави. „Бројот на мртви и повредени е голем, но бидејќи областа е тешко достапна, нашите тимови се сè уште на терен“, изјави портпаролот на Министерството за здравство, Шарафат Заман.

Стотици повредени лица се однесени во болница, изјави портпаролот на покраината, Наџибулах Ханиф, а бројот на жртви веројатно ќе се зголеми како што пристигнуваат извештаи од пооддалечените области. Спасувачите работат во повеќе области на планинската покраина каде што земјотресот се случи на длабочина од 10 километри, соопштија властите.

Авганистан е склон кон смртоносни земјотреси, особено во планинскиот венец Хиндукуш, каде што се среќаваат индиската и евроазиската тектонска плоча. Серија земјотреси на запад минатата година убија повеќе од илјада луѓе, што ја истакнува ранливоста на една од најсиромашните земји во светот на природни катастрофи.

Силен земјотрес ја погоди планинската област на исток од Авганистан, а првите информации укажуваат на голема материјална штета и можен голем број жртви, пишува Би-би-си.

Епицентарот на земјотресот е регистриран на 27 километри од Џалалабад, петтиот најголем град во земјата, и околу 140 километри од главниот град Кабул. Според официјалните лица, во селата во близина на границата со Пакистан, бројни куќи се срамнети со земја.

Спасувачките екипи се соочуваат со огромни предизвици. Тоа е тешко пристапна планинска област со ограничени комуникациски врски, поради што информациите од терен пристигнуваат многу бавно. Локалните власти изразија страв дека бројот на жртви би можел да достигне стотици.

Ситуацијата е дополнително комплицирана од последователните земјотреси што продолжуваат да ја тресат погодената област. Спасувачките напори се отежнати и од тесните планински патишта, од кои многу сега се блокирани од лизгање на земјиштето предизвикано од земјотресот. Владата под контрола на талибанците упати апел за помош до меѓународните организации со цел што поскоро да се санираат последиците од оваа природна катастрофа.

Снимките од Ројтерс покажаа хеликоптери како ги транспортираат повредените, додека жителите им помагаат на војниците и болничарите да ги пренесат до амбулантните возила. „Досега, ниедна странска влада не понуди поддршка во спасувачките или хуманитарните операции“, изјави портпаролот на Министерството за надворешни работи.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ