Иако овие религиозни институции се несовршени, тие се единствената опција за повеќето авганистански девојки над 12 години кои сакаат какво било образование. Авганистан останува единствената земја во светот што им забранува на девојките и жените општо образование на средно и високо ниво, пишува Си-ен-ен.
Забраната е дел од пошироката акција на талибанците врз правата на жените откако ја презедоа власта во август 2021 година. Владата диктира како жените мора да се облекуваат, каде можат, а каде не можат да одат и со кого мора да бидат. На пример, бара од нив да имаат машки старател кога патуваат.
Во јули оваа година, Меѓународниот кривичен суд побара налози за апсење на двајца од врвните лидери на талибанците, наведувајќи го прогонот на жените и девојките како доказ за злосторство против човештвото. Талибанците го обвинија судот дека покажува „непријателство и омраза кон чистата вера на исламот“.
Талибанците првично тврдеа дека суспензијата на образованието на жените ќе биде привремена, додека се решаваат безбедносните проблеми. Но, четири години подоцна, фундаменталистичкото крило на талибанците се чини дека победува. Секуларните училишта, универзитетите, па дури и центрите за здравствено образование остануваат затворени за половина од населението. Според извештајот на УНЕСКО, речиси 1,5 милиони девојки не можат да одат во средно училиште.
„Им рековме на девојчињата да носат соодветни хиџаби, но тие не послушаа. Носеа фустани како да одат на свадба“, изјави вршителот на должноста министер за високо образование Нида Мохамад Надим на државната телевизија во декември 2022 година, објаснувајќи зошто училиштата се затворени:
„Девојките студираа земјоделство и инженерство, но тоа не е во согласност со авганистанската култура. Девојките треба да учат разни корисни работи, но не работи што се спротивставуваат на исламот и авганистанската чест“.
Во меѓувреме, бројот на медреси што образуваат девојчиња и момчиња низ Авганистан драстично се зголеми. Според Министерството за образование, во последните три години се основани 22.972 државни медреси. Во медресата Наџи-е-Башра, до која Си-ен-ен неодамна доби пристап, бројот на запишаните драстично е зголемен откако талибанците почнаа да им го кратат образованието на девојките.
Гласовите на десетици девојчиња што рецитираат стихови од Куранот одекнуваат низ ходниците. Во канцеларијата на директорот, во аголот стои големо талибанско знаме. Во средината на масата има сертификат со печат на талибанското Министерство за образование. Талибанците ги одредуваат наставниот план и програма, како и во сите медреси во земјата.
Бидејќи станува збор за приватна институција финансирана од родителите на учениците кои претежно живеат попривилегирано, персоналот има малку поголема слобода да предава јазици и наука покрај исламските студии. Во јавните медреси финансирани од владата на талибанците, наставната програма е речиси целосно религиозна.
„Ученичките се многу задоволни во нашата средина, нашата наставна програма и од нас“, вели раководителот на медресата Наџи-е-Башра, Шафиулах Дилавар, самопрогласен долгогодишен поддржувач на талибанците: „Наставната програма во медресата е дизајнирана на начин што е многу корисен за улогата на мајката во општеството, за да може да одгледуваат добри деца“.
Тој ги отфрли тврдењата дека ваквите институции се користат за ширење на идеолошките цели на талибанците. Тој инсистираше дека бидејќи авганистанското население е веќе длабоко религиозно, многу семејства се задоволни од оваа форма на образование за девојките и ја повика меѓународната заедница да ги поддржи неговите напори.
Но, многу девојки и жени во Авганистан сметаат дека медресите не се замена за образованието што можеле да го добијат во двете децении пред повлекувањето на САД во 2021 година. „Никогаш не бев заинтересирана да одам во медреса. Тие не нè учат на она што треба да го научиме“, вели Наргис, 23-годишна жена од Кабул, која всушност се вика поинаку.
Наргис е примерна ученичка. Таа е совесна, организирана, вредна и посветено учела цел свој живот. Кога американските трупи го напуштиле нејзиниот град, таа студирала економија на приватен универзитет. Наутро одела на часови, попладне работела хонорарно и навечер сама учела англиски.
„Да ме прашавте пред четири години што сакам да правам во животов, ќе ви речев дека сакам да бидам бизнисменка. Сакав да увезувам стоки од други земји. Сакав да имам големо училиште за девојки. Сакав да одам на Универзитетот Оксфорд. Можеби ќе имав свое кафуле.“
Сето тоа се промени во август 2021 година. Повеќе не ѝ беше дозволено да оди на настава, повеќе не беше вработена и, вели таа, повеќе не можеше да сонува за иднината што некогаш ја замислуваше, само затоа што беше жена. Она што ѝ го скрши срцето се лицата на нејзините помлади сестри, тогаш на 11 и 12 години, кои еден ден се вратија дома за да ѝ кажат дека нивното училиште е затворено.
Наргис почнала да ги собира сите свои стари учебници и да ги учи девојчињата сè што научила. Други роднини и соседи исто така почнале да бараат помош, и ѝ било тешко да одбие. Така, секое утро точно во 6 часот наутро, пред да се разбудат талибанските стражари, околу 45 ученички, некои на возраст од само 12 години, скришум се движеле низ градот до домот на Наргис.
„Многу е опасно. Нема ден во неделата кога можам да бидам мирна. Секој ден кога ќе дојдат кај мене, толку многу се грижам. Ме излудува. Тоа е голем ризик“, рече Наргис, плашејќи се дека талибанците ќе ја откријат нејзината импровизирана училница и ќе ја затворат, како што направиле и претходно.
Пред два месеци, талибанците упаднале во куќата каде што подучувала. Таа ја поминала ноќта во затвор и била опомената за својата работа. Нејзиниот татко и другите машки членови на семејството ја молат да престане, велејќи ѝ дека не вреди. Но, иако е преплашена, Наргис вели дека не сака да ги напушти своите ученици. Таа ја сменила локацијата и продолжила.
До почетокот на оваа година, УСАИД (Американската агенција за меѓународен развој) финансирал тајни училишта низ целата земја. Откако администрацијата на Трамп откажа договори за помош во вредност од 1,7 милијарди долари, неколку од тие образовни програми сега се затвораат.
Наргис била корисник на една таква програма, студирајќи онлајн за диплома по бизнис администрација во програма финансирана од САД. Минатиот месец, вели младата Авганистанка, програмата била откажана.
Наргис се обидува да остане зафатена. Но, таа чувствува како очајот се прикрадува и почнува да се прашува дали има смисла да учи толку многу и да презема толку голем ризик за да ги образува своите сестри и пријатели. Во Авганистан под талибанците, на жените не им е дозволено да се дружат со мажи кои не се членови на семејството, или да работат како лекари, адвокати или на повеќето јавни места.
„Мајка ми никогаш не се образувала. Таа секогаш ни кажуваше како било под претходната талибанска влада и затоа учевме… Но, каква е разликата помеѓу мене и мајка ми сега?“ се запрашува Наргис: „Јас сум образована, но и двете сме дома. За што работиме толку напорно? За која работа и за каква иднина?“






