„На никој начин не ја исклучувам кандидатурата за членство во НАТО“, кажа Магдалена Андерсон во разговор за државната телевизија СВТ.
„Сакам да направиме опширна анализа на можностите кои ги имаме во оваа ситуација на закани и ризици за да ја донесеме најдобрата одлука за Шведска“, кажа социјалдемократската премиерка.
Шведска не е членка на НАТО иако е партнер на Северноатлантската алијанса и се откажа од строгата неутралност по завршувањето на Студената војна.
На денот на инвазијата на Украина, 24 февруари, Магдалена Андерсон ја исклучи можноста за членство, кажувајќи дека „во ваква ситуација е важно Шведска да ја задржи досегашната насока во безбедносната политика“.
Во Шведска војната во Украина поттикна невообичаен пораст на поддршка на членството од речиси 50 отсто, покажуваат анкетите објавени на почетокот на март.
„Многумина во Шведска во моментов размислуваат за тоа, и јас размислувам многу за тоа“, кажа Андерсон. Тоа прашање би можело да биде една од главните теми на кампањата за идните парламентарни избори на 11 септември.






