среда, 10 декември 2025

Шведска гради складиште за чување на нуклеарниот отпад во следните 100.000 години

Објавено на

часот

Сподели

Планот на шведската влада е отпадот и нуклеарното гориво, кое реакторите ќе го користат додека не бидат изгасени, да се закопаат на 500 метри длабочина во карпите во близина на нуклеарната централа Форсмарк.

По 70 години, кога тунелите ќе се пополнат, ќе бидат запечатени со специјална глина за да се спречи влегување вода и објектот ќе биде заштитен.

„Нашата генерација мора да преземе одговорност за нуклеарниот отпад. Ова е резултат на 40 години истражување и ќе биде безбедно 100.000 години“, кажа министерката за заштита на животната средина Аника Страндхал на прес-конференција.

Истакна дека складиштето ќе ѝ обезбеди на Шведска да може да користи нуклеарна енергија со цел да стане првата развиена земја во светот без фосилни горива.

Откако почнале со работа во седумдесеттите години од 20 век, шведските нуклеарни централи произвеле околу 8.000 тони многу радиоактивен отпад, вклучувајќи го истрошеното нуклеарно гориво.

Одлуката на Шведска доаѓа во момент на обновен интерес за нуклеарната енергија, која многу земји ја гледаат како суштинска фаза на транзицијата кон крајот на употребата на фосилните горива.

Швеѓаните во 1980 година гласаа за постепено укинување на нуклеарната енергија, но ставовите со годините се менуваат.

Највлијателните шведски политички партии склучија договор за нуклеарната енергија во 2016 година, сложувајќи се дека постоечките шест реактори можат да продолжат со работа, како и дека на постоечките локации може да се изградат десетина нови реактори.

Меѓутоа, распространето е мислењето дека изградбата на нови објекти е неисплатлива, освен ако идната влада не обезбеди големи субвенции.

Што да се прави со нуклеарниот отпад е прашање кое создава главоболки уште од пуштањето на првите нуклеарни електроцентрали во работа во педесеттите и шеесеттите години од минатиот век.

Меѓународната агенција за атомска енергија проценува дека постојат околу 370.000 тони радиоактивно потрошено нуклеарно гориво кое се чува во привремени складишта низ светот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ