петок, 12 декември 2025

Шведска денеска ги укина мерките, ги прекина тестирањата и ги отвори границите

Објавено на

часот

Сподели

Дури и бројките на заразени и мртви исчезнаа од истакнати места во шведските медиуми. На сè уште распламтената пандемија, бидејќи Шведска забележа десетици илјади позитивни тестови во последните денови, потсетуваат само советите до невакцинираните да избегнуваат гужви во затворени простории и препораката до сите да останат дома доколку имаат симптоми на ковид-19.

„Пандемијата не е завршена, но ограничувањата и рестрикциите се. За невакцинираните лица сè уште има посебни совети. Важно е сите граѓани да останат дома доколку имаат симптоми. Тие не мора да се тестираат освен ако не работат во здравство и социјална заштита. За нив важат посебни правила на однесување“, изјави шведската министерка за здравство Лена Халенгрен, додавајќи:

„Сè уште има потреба луѓето да се вакцинираат. Доколку сте примиле две дози од вакцината, треба да земете и трета. За да се продолжи заштитата од ширењето на заразата, но и од сериозни болести, потребни се три дози“.

Според тоа, од среда, веќе не важат следните епидемиолошки мерки: задолжителна контрола на ковид-потврди за сите јавни собири во затворени простори со повеќе од 50 луѓе, сите јавни собири во затворен простор мора да имаат седишта, ограничување на јавните собири во затворено до 500 луѓе (во спортот 500 луѓе по трибина) и најмалку 10 квадратни метри простор по учесник.

Затворањето на рестораните и баровите во 23 часот е укинато, ограничувањето од осум лица на маса во рестораните со најмалку еден метар растојание меѓу масите, јавните простори како што се теретаните, музеите, галериите, забавните паркови и базените мора да обезбедат најмалку 10 квадратни метри простор по посетител.

Укинати се и препораките за работа од дома, возрасните да избегнуваат да учествуваат на масовни спортски натпревари и кампови, универзитетите делумно да одржуваат настава на далечина и во случај на метеж во јавниот превоз да се носи маска.

Се додава дека граѓаните на ЕУ/ЕЕА и Швајцарија при влез во Шведска повеќе не мора да докажуваат дека биле вакцинирани или дека се негативни на тестовите за ковид. Вратите се ширум отворени како и пред пандемијата.

Посебен пандемиски режим сè уште важи за персоналот и пациентите во болничкиот систем, како и за вработените и корисниците на услугите за социјална заштита. Ќе продолжат да се тестираат кога ќе има индикации, уште извесно време ќе се носат маски во здравствените установи и ќе се следат други епидемиолошки мерки.

Ковид-19 засега останува општествено опасна болест во Шведска. Министерката Халенгрен најави можност за укинување на ваквата класификација дури на почетокот на април.

Иако ни досегашните епидемиолошки ограничувања особено не го нарушуваа секојдневниот живот на Швеѓаните, ниту пак укинувањето на мерите значи дека коронавирусот исчезнал, во јавноста може да се почувствува олеснување. Повеќето ноќни клубови ги отворија вратите за посетители точно една минута по полноќ во вторникот кон среда.

Некои ресторани дури ги избркаа гостите во 23 часот, според сè уште важечките прописи, за да ги поканат да се вратат еден час подоцна. Исто така, туристичките агенции и авиокомпаниите со денови бележат експлозија на интересот за патување, пред се до далечни дестинации како Тајланд и Флорида.

Основата на ова излегување од пандемискиот режим првенствено лежи во високата стапка на вакцинација, релативно ниската смртност од ковид-19 и стабилниот број на пациенти на интензивна нега и покрај наглото зголемување на бројот на заразени со појавата на сојот омикрон.

Досега, 84 отсто од населението над 12 години во Шведска е вакцинирано со две дози (локалниот завод за јавно здравје и онака не препорачува вакцинација за помладите), а третата доза ја примиле уште 53 отсто од возрасните.

Во изминатата недела, Шведска забележа 221 смртен случај од Ковид-19, а со вкупна стапка на смртност од 157 смртни случаи на 100.000 жители, Шведска е на 55 место во светот според податоците на Универзитетот Џон Хопкинс. Во моментов на одделението за интензивна нега се наоѓаат 100 пациенти со тежок ковид-19.

„Мислам дека тоа што сите заедно го постигнавме во последните две години можеме да го означиме како успех. Не ги затворавме училиштата, успеавме да ја зачуваме економијата иако работевме од дома и не се фокусиравме само на големите компании туку и на поединците“, рече Халенгрен.

„Имаше решеност дека мора да излеземе од кризата, која не погоди толку силно и сеопфатно, што е можно побезболно. Сепак, мора да извлечеме поуки од оваа пандемија, бидејќи очигледно нашата заштита за граѓаните од ризичните групи не беше доволна“, заклучи министерката Хеленгрен.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ