Според текстот на договорот за пријателство, соработка и заемна помош меѓу Русија и самопрогласените Доњецка и Луганска народна република (ДНР и ЛНР), заштитата на границите на ДНР и ЛНР ќе се врши со заеднички напори на договорните страни врз основа на сопствената безбедност, како и мир и стабилност.
Според објавениот документ, договорите предвидуваат секоја од страните да ѝ даде право на другата да гради и користи воени бази и објекти на своите вооружени сили на нејзина територија. Исто така, граѓаните на самопрогласените ДНР и ЛНР ќе можат да имаат руско државјанство под условите утврдени со закон.
„Москва ќе ги поддржува републиките според договорот потпишан со двајцата регионални лидери“, рече денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Москва ќе дејствува како гарант за безбедноста и интегритетот на двете отцепени републики од Донбас, Доњецк и Луганск, изјави рускиот висок дипломат, откако Кремљ го потврди нивниот статус на суверени држави во услови на влошување на судирот со Украина.
Лавров истакна дека двата региони ќе бидат независни, а тој статус е запишан во договорите потпишани од претседателот Владимир Путин и лидерите на двата региони, Денис Пушилин и Леонид Пашечник, ден претходно.
„Меѓу Русија и овие нови држави се потпишани договори за пријателство, соработка и заемна помош, во кои ветуваме дека ќе ја зачуваме нивната безбедност“, рече министерот за надворешни работи. „Мислам дека сите го разбираат тоа“, додаде тој.






