„Ако се фокусираме на Гренланд, морам да кажам дека американската инвазија на таа територија би го направила Владимир Путин најсреќниот човек на светот. Зошто? Затоа што тоа би го легитимирало неговиот обид за инвазија на Украина“, изјави Санчез во интервју за весникот Вангардија, пренесува Ројтерс.
Санчез оцени дека секоја воена акција на Соединетите Американски Држави против остров кој е автономна територија на Данска, би му наштетила на НАТО и би ја легитимирала руската инвазија на Украина.
„Доколку Соединетите Американски Држави употребат сила, тоа би било смртна пресуда за НАТО. Путин би бил двојно среќен“, заклучи Санчез.
Американскиот претседател Доналд Трамп постојано изјавува дека нема да се задоволи со ништо помалку од сопственост врз Гренланд, додека лидерите на Данска и Гренланд одговорија дека островот не е на продажба и не сака да биде дел од САД.






