На 18 март шпанскиот премиер Педро Санчез, во својата порака до Кралот Мохамед VI, официјално ја изрази шпанската поддршка на планот на Мароко за автономија на Западна Сахара, нагласувајќи дека „тоа е најсериозна, и воедно најодржлива основа“ за разрешување на спорот околу Западна Сахара.
Во пораката Санчез ја нагласи важноста на спорот околу Сахара за Мароко, нагласувајќи дека мароканската иницијатива за автономија од 2007 година е најсериозна, најреалистична и најодржлива основа за разрешување на несогласувањата. Воедно, шпанскиот премиер ја нагласи и големата заложба на Мароко да работи во согласност со начелата на Обединетите Нации во изнаоѓањето на решение за овој децениски конфликт. Шпанија и Мароко се неразделиво поврзани преку историја, географија, заедничките инетереси и пријателства. Во таа насока, како што изјави Санчез, целта е да се изградат нови врски помеѓу двете земји, базирани на транспарентност, комуникација и обострана почит.
Во своето писмо шпанскиот претседател изјави дека неговата земја „ќе учествува со целосна транспарентност, соодветна на еден голем пријател и сојузник на земјата“, особено во релација на подобрување на недовербата која се појави помеѓу двете земји после дипломатскиот раскол во 2021 година. „Ве уверувам дека Шпанија секогаш ќе ги исполнува своите обврски и својот даден збор“, вели шпанскиот претседател во продолжение на писмото до кралот на Мароко.
Изјавата на шпанската влада доаѓа по горливиот раскол помеѓу Мароко и Шпанија, односно после случката од април 2021 година, кога Шпанија му даде прибежиште на лидерот на фронтот „Полисарио“, Брахим Гали. Гали во тајност допатува во Шпанија за да биде хоспитализиран, но разузнувачките служби на Мароко го идентификуваа неговото присуство. Овој чин Мароко го оцени како непријателски и непартнерски помеѓу двете земји поради тоа што Рабат не беше официјално известен за шпанското решение да му даде прибежиште на Гали. Во продолжение, Мароко го отповика својот амбасадор во Шпанија, Карима Бењаич, кој не се врати на својата позиција се до мај 2021 година.
Кризата помеѓу двете земји почна да покажува знаци на смирување кога шпанската влада дозволи Аранча Гонзалес Лаја, поранешниот министер за надворешни работи, да се обиде да изнајде примирје и нормализирање на односите со Мароко.
Шпанската влада исто така го промовираше и своето партнерство со Мароко, нагласувајќи дека остварува непречена комуникација со мароканската влада. Со цел да се зацврстат овие подобрувања на односите помеѓу двете земји, Шпанија од тој момент се обврза дека ќе продолжи да дејствува во насока на зајакнување на врските со Мароко и обновување на билатералното партнерство помеѓу двете земји.
Официјалната изјава на Шпанија претставува скалило погоре во тридецениското досие на Сахара, како и удар на сепаратистите на Полисарио и нивните поддржувачи.
На почетокот на оваа недела, САД исто така изјавија дека нивната позиција за Западна Сахара претставува официјална политика на САД. Админстрацијата на Бајден ја потврди оваа позиција и со последните финансиски планови кои американскиот претседател Џо Бајден ги потпиша во вторникот. Имено, фондовите наменети за Мароко се спомнати во поглавјата III и IV, со назнака: „за помош на Мароко“. Фондовите обработени во поглавјето III претходно беа резервирани за американската финансиска помош за „Западна Сахара“ т.е. јужните провинции на Мароко. Но, во овогодинешните финансиски планови се споменува само Мароко – чекор кој претставува уште една потврда на позицијата на американската администрација во корист на територијалниот интегритет на Мароко над Западна Сахара.






