Министерката за урбанизам Ракел Санчез на прес-конференција изјави дека од овој месец, Шпанците помлади од 35 години, чиј годишен приход е помал од 24.318 евра, ќе можат да аплицираат за месечен надоместок за изнајмување на стан на две години. Таа рече дека оваа поддршка е важна за цената на становите да не биде пречка за осамостојувањето на младите.
Според податоците од минатата година, дури 55% од луѓето на возраст меѓу 25 и 29 години сè уште живеат со своите родители, што ја прави Шпанија една од европските земји со најголем удел на млади луѓе кои сè уште не се иселиле од домовите на родителите.
Оваа бројка е силно поврзана со особено високиот број на млади луѓе кои не се вработени – дури 29% од оние под 25 години во Шпанија немаат работа. Сепак, според Франциско Инарети, портпарол на Идеалист, најголемата шпанска веб-страница за недвижности, директната поддршка за плаќање кирии можеби нема да ги исполни владините очекувања, бидејќи има голема побарувачка за мали станови.
„Претходното искуство покажа дека субвенциите директно ја зголемуваат цената на киријата“, рече тој, додавајќи дека станарите кои заработуваат само малку повеќе од 24.318 евра би можеле да се чувствуваат дискриминирано, бидејќи ќе мора да плаќаат уште повисоки кирии без да добијат поддршка.






