„Кога луѓето ме прашуваат дали треба да се плашат, бидејќи трупите на Еуфор се видливи, го кажувам токму спротивното, можете да се сметате за безбедни токму затоа што тука е Еуфор. Војниците се тука за на луѓето да им гарантираат безбедност и слобода, а не луѓето да се плашат, без разлика во кој ентитет живеат“, им кажа Шмит на новинарите.
Според него, иако во БиХ не постои опасност од војна, има тешка политичка криза, додавајќи дека обврска на политичките претставници е да доаѓаат во институциите и да работат.
„На (српскиот член на Претседателството на БиХ Милорад) Додик треба да му се каже дека треба да ги отстрани блокадите. Блокадите ќе се отстранат дури тогаш кога ќе се носат одлуки“, оцени високиот претставник во БиХ.
Тој ја истакна важноста на преговорите за изборна реформа, наведувајќи дека измената на изборниот закон е еден од начините БиХ да оди кон Европа. „Од дијалогот ќе зависи како нештата понатаму ќе се развиваат“, истакна Шмит.
Додаде дека БиХ ја има поддршката од ЕУ и САД, истакнувајќи дека меѓународната заедница ќе остане „сигурен, но не и наивен партнер на БиХ“.
„Очекуваме гласачите да ги донесат вистинските одлуки и да бираат претставници кои ќе работат. За БиХ не може да се преговара. Луѓето имаат право единствено да одлучуваат за БиХ“, наведе Шмит.






