Шин Фејн на локалните избори одржани во четвртокот доби 27 од 90 места во парламентот, додека Демократската унионистичка партија (ДУП) која две децении доминираше во законодавното тело на Северна Ирска, освои 24 места.
Победата значи дека Шин Фејн има право да го бира првиот министер во Белфаст првпат откако Северна Ирска е основана како држава со мнозинско протестантско население во 1921 година.
Центристичката партија Алијанса, која не се дефинира ни како националистичка ни како унионистичка, доживеа огромен пораст на поддршката и ќе стане вториот голем победник на изборите со 17 пратенички места.
Иако победата на Шин Фејн означува историска промена која ја покажува сè помалата поддршка на унионистичките партии, сè уште не е извесно што понатаму ќе се случува поради комплицираната поделба на власта во Северна Ирска и актуелните судири околу аранжманот по брегзитот.
Шин Фејн, некогашното политичко крило на паравоената Ирска републиканска армија (ИРА), ја слави првата изборна победа во историјата на Северна Ирска, регион во составот на Велика Британија.
„Денешниот момент е одлучувачки за нашата политика и нашиот народ“, кажа лидерката на партијата Мишел О’Нил. „Сега би требало да се одржи искрена расправа за целта на нашата партија – обединување на територијата со Република Ирска“.
Победата на Шин Фејн сепак нема да го промени статусот на регионот бидејќи за да излезе од составот на Британија потребно е одржување референдум, за што одлучува британската влада и за што ќе бидат потребни години.






