„Лично мислам дека треба да се брани територијата на Полска. Ако Украинците нè молат да го правиме тоа на нивна територија каде што се наоѓаат овие ракети или беспилотни летала што нè загрозуваат, мислам дека треба да размислиме за тоа“, изјави Шикорски за полската приватна телевизиска станица Полсат.
Сепак, министерот призна дека нема ентузијазам за идејата меѓу европските сојузници.
„Но, мирна вода брег рони“, додаде Шикорски.
Министерот одби да коментира за неодамнешната изјава на украинскиот претседател Володимир Зеленски дека Полска, за разлика од Украина, нема да може да го заштити своето население ако Русија, наместо да испрати само неколку дронови-мамки како што направи минатата недела, започне порешителен упад во полскиот воздушен простор.
„Тие не се во војна, не се подготвени за такви работи. Но, за споредба, кај нас долетаа 810 дронови и соборивме 700, кај нив долетаа 19, а уништија 4. Не им долетаа ракети. Очигледно е дека нема да се во можност да ги спасат луѓето ако дојде до голем напад“, рече Зеленски за Полска во интервју за британскиот телевизиски канал Скај њуз.
Шикорски, кој беше во Киев во саботата и разговараше со Зеленски за тоа како Полска може да го искористи украинското искуство во елиминирањето на нападите со дронови, одби денес да ја коментира изјавата бидејќи, како што рече, не го видел интервјуто.
„Не знам зошто го кажал тоа. Можеби погрешно го разбрале. Има проблеми со англискиот јазик. Секогаш кога зборува англиски, предизвикува тензии“, рече Шикорски за Зеленски.
Полскиот министер предупреди дека Украина сега има богато искуство во одбраната од дронови, но дека работите се менуваат од месец во месец, бидејќи, на пример, Украина користеше акустичен систем за откривање дронови до пред една година, а сега руските дронови летаат тивко.
„Ова е знаење што треба да го преземеме од Украина и ние го правиме тоа. Исто така, имаме посебна институција НАТО, центарот ЈАТЕЦ во Бидгошч, каде што неколку десетици украински офицери ни го пренесуваат ова знаење“, рече Шикорски.






