„Прерано е за предавање или за прогласување победа во која било земја“, кажа Гебрејесус на конференција за медиумите и изрази загриженост поради порастот на бројот на починати од последици на инфекција со коронавирусот во поголемиот дел од светот.
Неговиот апел на претпазливост доаѓа во момент кога некои земји размислуваат за враќање на животот од пред пандемијата.
Француската агенција Франс прес потсетува дека, и покрај рекордниот број случаи со коронавирусот, на тој чекор вчера се реши Данска, базирајќи ја одлуката на високата стапка на вакцинираност и помалата опасност од омикрон сојот.
Директорот на програмата за итна здравствена заштита на СЗО Мајкл Рајан кажа дека се плаши дека некои земји поради политичкиот притисок веќе ги попуштаат мерките, истовремено не водејќи сметка за здравствената ситуација во земјата и за достигнатиот степен на имунизација.
На пребрзото ублажување на мерките предупреди и Марија ван Керхов, задолжена за управување со пандемијата на ковид-19 во СЗО.
Таа повика на „претпазливост бидејќи многу земји не го достигнале врвот на бранот на заразата“ со омикрон варијантата на коронавирусот, истакнувајќи дека многу држави и понатаму имаат ниска стапка на вакцинирано население.






