„Не мислам дека тоа е оружје што ќе го промени текот на борбата“, изјави Остин за Си-би-ес, не сакајќи да ги потврди или негира информациите дека Москва користела таков тип на проектил.
Русија денеска, втор ден по ред, објави дека повторно употребила хиперсонични ракети во Украина. Доколку оваа информација би била докажана, тоа би била првата позната употреба на овој систем во светот, кој првпат беше тестиран во 2018 година во реални борбени услови.
Користејќи го овој тип на оружје, Русија „се обидува да го врати моментумот“ во конфликтот во кој нејзината војска е заглавена, рече Лојд Остин. „Сведоци сме дека Русите намерно гаѓаа градови и цивили во последните неколку недели, а сето тоа е затоа што офанзивата им е блокирана“, рече американскиот министер.
Руските сили „не се ефикасни во напредувањето на теренот, каде што во голема мера се блокирани од“ украинските борци „кои се борат храбро и кои останаа во Украина решени во намерата да ја бранат својата земја“, додаде тој.
Владимир Путин „ги испрати своите војници во дробилката“, рече шефот на Пентагон, додавајќи дека Украинците биле „многу ефикасни благодарение на оружјето што им го испративме“, како што се противтенковските одбранбени системи и системите за противвоздушна одбрана.






